Тоа, според Нуредини, заедно со промена на начинот на греење во домаќинствата ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните
Затворање на термоелектраните на јаглен најдоцна до 2030 година и поголеми вложувања во обновливи извори на енергија со цел подобрување на квалитетот на воздух најави денеска министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Тоа, според него, заедно со промена на начинот на греење во домаќинствата ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните.
„Уште откако станав министер за животна средина зборуваме за менување на начинот на греење и производство на енергија во нашата држава. Сите сме свесни дека 65 отсто од енергијата се произведува од јаглен во РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Затоа целата наша Стратегија за енергетика е да го менуваме тоа и да инвестираме во обновливи извори на енергија. Тоа значи дека ги поддржуваме не само нашите инвестиции како ЕСМ во соларни панели во Осломеј и во Битола, туку и да ги затвориме РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ најдоцна до 2030 година“,
рече Нуредини на денешната средба со новинарите.
Идеја ни е, посочи Нуредини, да имаме повеќе обновливи извори на енергија и да вложуваме во соларни панели и ветерни електрани, а многу важно за државата и за независност во енергетиката е да се изгради и хидроелектраната Чебрен за да имаме стабилна мрежа.