Во врска со емисијата...
По она што во неделата вечер го слушнав во емисија „Код“ на ТВ Телма за случувањата на релација Влада – Те То – БЕГ, останав фрапиран. Иако јас не сум експерт од оваа област, но за мене немаше никаква логика во тоа (Те-То и БЕГ групацијата) приватни фирми регистрирани во нашата држава, а чиј сопственик е оф шор компанија од Кипар, да имаат толку толеранција, привилегии и бенефити како што е случајов кај нас. Гледајќи и слушајќи ја емисијата мошне внимателно, прво што ми падна во очи е фактот дека, кога овие фирми го набавуваат гасот по евтина цена на пазарот, тогаш државата не им е потребна, бидејќи разликата од набавната цена до онаа кога ја одредува Регулаторната комисија оди како ќар во нивните џебови.
Ова значи дека тогаш молчат и „напластуваат“ неброени пари на сопствена сметка, поточно на сметка на сопственикот или сопствениците – основачките оф шор компании. Но, кога ќе скокне цената на гасот, бидејќи се работи за регулирана дејност, тогаш настанува ситуација „помагајте за да не потонеме сите заедно и да не направиме уште поголема штета, зашто ќе не отепаат граѓаните“. Тогаш овие приватни фирми бараат државата да им помага со народни пари зa да не оделе во загуба, бидејќи ќе прекинеле со снабдувањето на топлинска енергија.
Види богати!!! Човек да не верува во ова што го гледа и слуша. Меѓутоа, лудоријата или (онадувањето во здрав мозок) да биде поголемо, во оваа емисија слушнав и дека Јавното обвинителство не презема ништо уште од 2019 година за поднесените кривични пријави од страна на МВР кон поранешни членови на Регулаторната комисија за енергетика кои ја издале лиценцата на Те-То и БЕГ групацијата. Наводно, се работи за добиени лиценци за регулирани дејности на фирми основани со само 5.000 евра основачки капитал и без ниту еден вработен.
Бидејќи ова на прва ми заличи на многу матна игра односно на криминал „par excellence“ решив малку да прочепкам подлабоко во овие случувања. Посебно се заинтересирав за тоа како се случи оф шор компанија да ја преземе работата за производство, снабдување и дистрибуција со топлинска (и електрична енергија) енергија во делови од градот Скопје која со години наназад беше во надлежност на поранешната Топлификација АД Скопје, а која под чудни околности експресно отиде во стечај кон крајот на 2018 година? Тука посебно сакам да напоменам дека Топлификација АД од 1994 година до некаде 2016-2017 година, во континуитет имала позитивни финансиски резултати и со право треба да се постави прашањето зошто и како е дојдено до оваа ситуација. Дали се работи за намерно и свесно гаснење односно уништување на една голема домашна фирма или за неспособност на нејзиниот менаџмент?
Ако од емисијата останав фрапиран, тогаш од подоцнежните сознанија речиси занемев. И ден денес не можам да поверувам и не сум свесен како е можно такви сплетки, интриги, нечесни игри, правно политички егзибиции, незаконити стечајни постапки, непочитување и игнорирање на пресуди на највисока судска инстанца, отписи на милионски долгови врз основа на сопствена волја и проценка како и многу други нејасни работи да ни се случуваат пред наши очи, а никој од надлежните органи и највисоките државни функционери да не преземе досега ама баш ништо.
Според јавно достапните податоци случувањата на релација „Топлификација – Те-То“ започнале некаде во 2005 година, со отпочнување на изградба на гасната централа за производство на електрична и топлинска енергија во Скопје. Вредноста на инвестицијата била околу 170 милиони евра. Гасната централа „Те-То“ е акционерско друштво со капитал на домашен и странски инвеститор и тоа: Топлификација АД Скопје која е сопственик на 10,8% и оф шор компанијата „Битар Холдинг Лимитед“ од Кипар која на стартот била сопственик на 89,2 % од Те-То АД. По сите перипетии, гасната централа Те-То пуштена е во употреба на 24 февруари 2012 година. Оф шор компанијата ,,Битар Холдинг Лимитед” од Кипар најверојатно е во 100% сопственост на руската компанија ,,Синтез Грин Енерџи”.
Третиот правен субјект, БЕГ групацијата, е акционерско друштво основано во 2012 година и е во 100% сопственост на претходно споменатата Оф шор компанија ,,Битар Холдинг Лимитед” од Кипар. Според податоците од нивниот сајт, од 2013 година па сѐ до денес, оваа групација обезбедува производство на топлинска енергија во производствените капацитети, врши преземање и испорака на топлинска енергија до топлинските станици на објектите приклучени на дистрибутивната мрежа и врши снабдување со топлинска енергија на повеќе од 60.000 потрошувачи во делови од Градот Скопје.
Инаку БЕГ групацијата во нашата држава ја сочинуваат 4 друштва и тоа: 1) Друштво за производство на топлина Балкан Енерџи Дооел Скопје; 2) Друштвото за дистрибуција на топлина Балкан Енерџи Дооел Скопје; 3) Друштвото за снабдување со топлинска енергија Балкан Енерџи Дооел Скопје и 4) Друштвото Балкан Енерџи Секјурити Дооел Скопје. Лиценците за работа кои ги поседуваат овие друштва се со различен рок на важност, така што важноста на лиценцата на првите две друштва (за производство и дистрибуција) е 35 години, а додека лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија е со период на важење од 10 години.
Инаку оваа лиценца е издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на нашата држава, согласно Законот за енергетика и Одлуката за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување со топлинска енергија (УП1 бр. 11-293/12 од 31.12.2012 година), што значи дека истата истекува на крајот на оваа 2022 година. Според оваа лиценца за енергетска дејност снабдување со топлинска енергија се смета набавка и продажба на топлинска енергија на потрошувачите.
Според јавно достапните податоци на сајтот на Топлификација АД Скопје до 2018 година во овој триаголник (Топлификација-ТеТо-БЕГ) во игра биле повеќе од 150 милиони евра (наводно толкава е целокупната штета настаната со отпишување на долговите со помош на моќни државни структури и како со склучување на нелегални спогодби со заинтересирани страни). Она што посебно боде во очи се јавните тврдења за лажниот односно незаконитиот стечај на Те-То АД на само два дена по пресудата на Врховниот суд на Република Македонија во 2017 година во корист на Топлификација АД и јавното признание на Те-То АД дека треба да ѝ исплати на Топлификација околу 28 милиони евра со пазарни каматни стапки. И покрај оваа пресуда и јавно признание за долг од 28 милиони евра следи наводно само поднесено и само прифатено барање на Те-То АД за отпис на долгот кој е во вкупна вредност од околу 54% од активата на Топлификација АД која во тој момент има околу 2.700 акционери.
Освен започнувањето на незаконитиот стечај на Те-То АД, под многу чудни околности кон крајот на месец ноември 2018 година експресно започнува и стечајна постапка кон Топлификација по поднесено барање за стечај од страна на оф шор компанијата партнер „Битар Холдинг Лимитед“ која била сопственик на 89,2% во гасната централа Те-То АД и тоа за побарување долг од Топлификација АД Скопје од околу 1,1 милион евра. Од друга страна според тврдењето на Топлификација АД Скопје во тој момент таа побарува околу 30 милиони евра долг од Те-То АД.
Доколку се точни овие тврдења изнесени од страна на тогашното раководство на Топлификација АД Скопје како и сите овие преземени нелегални дејствија дополнително станува нејасно како и зошто не се преземени никакви мерки и зошто сите молчеле дури и кога Те-То АД во периодот од 2013 до 2017 година работело целосно непазарно купувајќи природен гас од оф шор фирма посредник, а не директно од најголемиот добавувач на гас и продавајќи електрична енергија на домашна фирма посредник која потоа ја препродава енергијата надвор од државата на позната и претходно договорена фирма?
Како е можно во овој период во Те-То АД Скопје да бидат правени загуби помеѓу 7 и 8 милиони евра, а веќе во 2017 година да се има добивка од околу 12,5 милиони евра. Овде сакам да напоменам дека претходно споменатите непазарни дејствија биле јавно потврдени и признаени од страна на Те-То АД во поднесената сопствена програма за реорганизација на фирмата за време на незаконскиот стечај (ова е тврдење на раководството и на Надзорниот одбор на Топлификација објавено на нивниот сајт).
Доколку е така како што велат тогаш редно е јавно да прашам зошто тогашното раководство на Топлификација АД во случајов партнер во Те-То АД како и тогашниот состав на Регулаторната комисија и Владата на Груевски и Заев молчеле и не преземале ништо во врска со сите овие случувања?.
Од она што успеав дополнително да го дознам за овие чудни и матни пред-стечајни и стечајни игри околу Топлификација АД и Те-То АД (според истиов извор) се работи и за непочитување на пресуди на Врховниот суд на Република Македонија кои се однесуваат на милионски суми пари во корист на еден од учениците во овој меѓусебен судски спор и тоа од страна на стечајниот управник кој во оваа игра или меѓусебна пресметка се покажал како посилен и помоќен од правосилните пресуди на највисоката судска инстанца.
Редно е експертите јавно да кажат дали е можно да се спроведе стечајна постапка како и да се склучат спогодби за отпис на долгови без согласност на малцинскиот акционер поточно без одржано Собрание на акционери и донесена одлука по однос на овие прашања и преземени активности? Кога пишувам за ова секако дека не смеам да заборавам да ги споменам и неколкуте нелогични и контрадикторни пресуди на првостепениот и Апелациониот суд во овој спор како и непостапувањето по поднесените кривични пријави до обвинителството.
Затоа повторно јавно барам одговор:
Како е можно и покрај повеќекратните известувања до Јавното обвинителство за сторениот криминал и поднесените кривични пријави за незаконити дејствија, надлежниот обвинител да не мрдне со прст? Каде е тука реакцијата на Основното Јавно Обвинителство за организиран криминал и корупција? Зошто наеднаш за овој случај замолче и директорот на Финансиската полиција кој во 2018 година јавно најави дека во тек е сериозна истрага за милионски проневерени односно извлечени суми пари надвор од државата.
Зошто премиерот Заев и останатите не реагирале во 2018 година, но и подоцна, во насока на активирање на свесно „рѓосаните“ механизми на истрага и спречување на криминалните дејанија иако уредно биле известени за сите матни и нечесни политичко-судско-обвинителски игри како и вонсудски игри под директна контрола и сценарио на моќни бизнис структури. Што правел вицепремиерот задолжен за борба со корупцијата и ДКСК? Како е можно никој ништо да не преземе или пак доколку некој нешто преземал од повисоко ниво, да бидат стопирани неговите активности и да се доведеме до оваа сегашна ситуација каде повторно со наши народни парии ќе се спасуваат приватни оф шор компании и фирми?!
Врз основа на моето кратко истражување, недвосмислен ми е заклучокот дека се работи за сериозно организирана политичко-судско-бизнис криминална структура поддржана од страна на обвинители, нотари, адвокатски канцеларии и стечаен управник помоќен од Врховниот суд, каде што секој на свој начин си ја остварил својата цел и интерес. Кога пишувам за политичко-судско-бизнис криминална структура, мислам на највисоките политички функционери од минатата, од неодамнешната и најверојатно можеби и припадници на сегашната извршна власт кои имаат силно влијание и контрола врз судството, обвинителството, полицијата, финансиската полиција и ДКСК.
Сѐ на сѐ, според мое длабоко убедување се работи за сторени сериозни кривични дела злосторничко здружување, перење пари и злоупотреба на службената положба. Преку сиве овие нечесни, неморални и незаконити активности по се изгледа дека свесно е овозможено огромни финансиски средства да се одлеат на сметка на оф шор компании, а притоа никој ништо да не преземе сѐ со цел да нема одговорност за нанесената повеќе десетици милионска штета (во евра) кон државата и акционерите.
Ова досега беше само првиот дел од оваа криминална и многу матна сторија која, за жал, сѐ уште нема позитивен епилог. Но, по сѐ изгледа дека преку ноќ мораше да отпочне вториот и уште поматен и понејасен дел од сторијата односно сагата наречена „политичко-бизнис лудило“. Капак на претходните случувања е неодамнешната одлука на Владата за кризно менаџирање при снабдувањето со топлинска енергија во Градот Скопје за кое досега беше одговорна Те-То и БЕГ групацијата.
Според владата која замина, како и според новава влада, целта е да се овозможи редовно парно греење во делови од градот Скопје до крајот на грејнава сезона,
со оглед на тоа што БЕГ јавно се изјасни дека нема средства за набавка на гас за производство на топлина по скокот на цената на гасот на берзата. Замислете оној кој досега собираше милиони евра од вршењето на оваа дејност сега наеднаш нема пари за набавка на гас, иако дури и оние најлошите пресметки покажуваат дека имало кумулативната милионска добивка од дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во период од 2016-2020 година.
Ангажирањето на АД ЕСМ и на државата во снабдувањето со гас треба да спречи дополнително продлабочување на кризата со снабдување и со електрична енергија, со оглед на тоа што во недостиг на парно греење голем број од семејствата би се префрлиле на греење на струја, а тоа би добело до енормно зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Значи се работи за изнудена одлука откако „јајцето дојде на газот“. Што би рекле постарите „удолу длабоко, угоре високо“.
И после оваа изнудена одлука, сакал или не сакал, повторно ми се наметнуваат неколку прашања. Зошто Регулаторна комисија и Владата молчеа сиве овие години додека се случуваа погоре опишаните игри и не преземаа ништо? Каде одеше досегашниот профит од овој матен бизнис? Колку е сигурна владата дека првични шест милиони евра државни пари за редовна испорака на топлинска енергија ќе бидат доволни за сезонава? Што правиме доколку зимските температури во наредниот период бидат уште пониски, а берзанските цени на гасот пораснат? Се запрашала ли владата како е можно деновиве БЕГ да склучи рамковна спогодба за набавка на 52,1 милиони килограми мазут, како алтернативно гориво во вредност од 40 милиони евра, кога претходно јавно се изјасни дека нема пари за оваа законска обврска? Кој ќе ги плати овие пари за набавка на минимално потребните количини на мазут? Обезбедувањето резерви на алтернативно гориво е законска обврска на БЕГ групацијата, иако досега сиве овие години оваа групација воопшто не набавувала мазут како алтернативно гориво. Зарем досега не важеше членот 153 од Законот за енергетика, кој налага производител на топлинска енергија во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина којашто е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет?
Многу нејаснотии и многу импровизации својствени за извршна власт која има за цел купи ден помини. Сето ова досега напишано не е само за осуда или само за апс на виновниците и неодговорните политичари и други државни функционери и бизнисмени учесници во овие случувања. За да се доведе оваа анархија и лудило на нормален колосек, неопходно е потребен дебел дабов стап по грбот и газот на сите инволвирани во овој случај сѐ додека не се по*ерат од добиениот ќотек, а потоа повторно ќотек зошто се избербатиле. И така најмалку две-три недели по ред. Само на тој начин белким на сите ќе им дојде умот. На друг начин со вакви измамници и криминално политичко-судски и бизнис структури во оваа држава по сѐ изгледа и не се може.
ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ По она што во неделата вечер го слушнав во емисија „Код“ на ТВ Телма за случувањата на релација
civilmedia.mk