Извадок од еден друг форум.
"Како се одвивал државниот шверц?
Во текот на 1993 и 1994 г. на територијата на Балканот се формирани многу моќни шверцерски илегални лоби-групи, раскажува во едно свое интервју Јоца Амстердам.
Меѓу нив најмоќна била тутунската мафија, или како што ја нарекуваа – Балканска тутунска мафија. Поради силните санкции, кои во тој период ги трпеше, Југославија стана погодна почва за да процветаат сите облици на прилично доходовно воено профитерство.
Дури и партијата на Милошевиќ – СПС (социјалистичка партија на Србија), која ја држеше целата држава под контрола, влезе во бизнисот преку одредени политичари, службеници во царинските служби и Министерството за внатрешни работи, како и во тајните служби. Но, тие не инвестираа и не учествуваа директно во распределбата, туку само посредно со цел да не бидат искомпромитирани. Така целата работа ја организираше и контролираше тутунската мафија, која не ја сочинуваа само најголемите шверцери од Балканот, туку од целиот свет. За таа цел, мафијата на располагање ја имаше царината, полицијата, банките... Приходот од бизнисот се делел така што 60 отсто добивала мафијата, а 40 отсто српската држава. Процедурата била крајно едноставна со оглед дека ја имала поддршката од владата.
“Цигарите главно пристигнуваа од бесцаринските зони во Бугарија и Македонија (н.з. тоа се фри-шоповите кои се врзуваа со името на братот на Љубомир Фрчкоски, во тоа време министер за внатрешни работи), а од таму со камиони стигнуваа до крајната дестинација – Србија). На царина стоката обично се декларираше како “сунѓери”, или нешто слично што не бара посебни проверки. Бидејќи Бугарите и Македонците, според договорот добиваа по 10.000 долари од секој камион, царинските служби ги дочекуваа и пропуштаа обележаните камиони без проблем, бидејќи тоа и онака беше наредба од Милошевиќ. Од царина до Белград, камионите се испраќаа со задолжителен ескорт од два полициски џипа и осум полицајци. Во царинските документи, како крајна дестинација беа наведувани Република Српска и Република Српска Краина, иако цигарите остануваа во Србија. Тоа беше правено за да изгледа стоката како транзитна”, признава Јоца Амстердам во едно свое интервју.
Целата работа од државна страна, ја водел тогашниот српски заменик-министер за внатрешни работи, генерал потполковник Радован Стојичиќ Баџа, додека главен човек бил Вања Бокан, од Атина.
Секој кој ќе се обиде неовластено или, пак, неповикано ќе се вклучи во работата, веднаш бил најстрого казнет, цигарите на лице место веднаш му биле одземани, некои биле физички малтретирани и уценувани, а повеќето по кратка постапка биле ликвидирани.
На ова место од сведочењето на Јоциќ, недвојбено се надоврзува и исповедта на Петрит Аме, забележана во записникот од разговорот направен со него во просториите на Државна безбедност и контраразузнавање, што ја докажува вмешаноста на македонските транзициони политичари во криминалните активности. Тие, како што сведочи Аме, не само што овозможувале одвивање на прекуграничниот криминал, туку и најдиректно биле инволвирани во него и имале материјална полза.
Петрит кажува и за перењето пари од илегална продажба на цигари кое, како што тврди, а што никогаш не е демантирано, се вршело преку братот на тогашниот министер за внатрешни работи на Македонија, Љубомир Фрчкоски. Тоа се вршело преку фри-шопот “Челебија”, при што цигарите се истоварале, а камионите оделе празни за Србија, со тоа што за пазарот на Косово морало да одат оригинални цигари (во тоа време јавна тајна во Скопје беше дека при купување оригинал марлборо цигари се бараше т.н. “петка”), производство на Филип Морис, а на пазарите во Македонија одела и “четворката” која е фалсификат и се произведувала во Бугарија и во Југотутун, односно во Стококомерц од Прилеп со знаење на македонската влада.
Кој е Петрит Аме
Петрит Аме е роден дебарчанец по кого сè уште е активна потерницата на Интерпол. Во македонското подземно и бизнис милје е посебно активен од 1993 г.
Неговото минато беше мистифицирано со негово наводно повеќегодишно учество во француската Легија на странците. Дел од македонските разузнавачи сметаа дека тој под друг идентитет “работел” во Јужна Америка и оттаму се неговите врски со некој колумбиски картел. Исто така, била следена и неговата врска со француски бизнисмени на Балканот за кои постојат индиции дека се резиденти на француската разузнавачка мрежа.
Иако тој негираше дека кога и да е работел со дрога, македонската полиција во 1999 г. во една пратка од неколку колумбиски вина адресирана до него, која повеќепати се повторувала, откри дека во виното всушност се наоѓа кокаин, кој се извлекува со посебна дестилаторска процедура. Според количествата, полицијата претпоставуваше дека тие пратки се за лична употреба. Со дрогата, инаку, го поврзува непотврдената информација дека за сметка на македонската полиција ги продавал 25-те килограми висококвалитетен кокаин кои исчезнаа од трезорот во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Инаку, исчезнувањето беше забележано во времето кога ресорот го водеше проф. Томислав Чокревски, наследникот на Љубомир Фрчкоски.
Кон крајот на 1998 г. беше организирано негово апсење кај ноќниот клуб МЦМ, но како што претпоставуваа тогаш од МВР, некој од нивните редови го предупредил. Нешто слично се случи и неколку години претходно, кога МВР беше обвинувана за алиби акција за негово апсење.
Полициски извори велат дека високи полициски функционери повеќепати интервенирале кај странски полиции за ослободување на Петрит Аме, со образложение дека станува збор за нивен соработник.
Петрит, исто така, ги истакнуваше своите особено добри релации со Мирјана Марковиќ, сопругата на Слободан Милошевиќ, од која наводно имал добиено потврда за пред српската полиција дека станува збор за многу значајна личност.
И неговата смрт остана мистерија. Во 1999 г. беше соопштено дека тој е ликвидиран во приштинскиот Гранд хотел. Постојат сомневања дека тој ја лажирал својата ликвидација и дека неговата “мисија” во овој регион е завршена, но дека најверојатно ќе биде активен под друг идентитет
КОКАИНОТ ИСПАРУВА
Изгледа неверојатно, но само кај нас може да се случи 25 кг претходно запленет висококвалитетен кокаин да исчезне од сефот во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Случајот беше објавен во 1999 г., а се случил две години порано, во времето на министерувањето на д-р Томислав Чокревски. Според сомневањата на истрагата, кокаинот му бил даден на Петрит Аме, човек добри етаблиран и во балканското подземје и во српските и македонските политички кругови. Неговата улога била да го препродаде за сметка на финансирање на политичка структура или, пак, на тајни полициски операции. Обидот за апсење на Аме, како и еден претходно, беше “провален”, а подоцна беше објавено дека Аме е ликвидиран во Приштина.
Но, две години потоа, се појави со години претходно снимена видеолента на која Аме на полициски службеници им ги појаснува релациите на политичари, бизнисмени и луѓе од криминалното милје."