Книга која може да се сврсти под женска литература и историска фикција, „Времето на лалињата“, говори за Амстердам, во 1630-тите, кога „лалеманијата“ масовно го зафатила населението. Насекаде во Холандија луѓето биле заведени од овој фантастичен егзотичен цвет. Но, за богатиот трговец Корнелис Сандворт, лалињата се неважни, тој е маѓепсан од неговата млада и убава сопруга Софија, која ја поттикнува и придвижува неговата душа. Таа е наградата која тој ја посакува, жената за која се надева дека ќе му донесе радост која дури и неговото значајно богатство не може да го купи - ќе му го роди долгопосакуваниот наследник.
Во очајна желба за овековечување на нивните ликови, тој нарачува брачен портрет од талентираниот млад сликар Јан ван Лос. Но, додека Ван Лос започнува да го доловува ликот на Софија на сликарското платно, бавна страст почнува да се разгорува помеѓу убавата млада сопруга на Корнелис и талентираниот уметник.
Како што се одвива сликањето на портретот, така започнува бавен таен танц меѓу жителите на домаќинството. Амбициите, желбите и соништата доведуваат кон голема интрига и измама - и додека лагите се размножуваат, настаните се движат кон возбудлива и воедно трагична кулминација.
Во овој богато замислен меѓународен бестселер, Дебора Могах создала редок роман, кој многу живописно евоцира еден посебен период од човечката историја, локација и страст.
Овој роман доживеа и своја екранизација, со прекрасна глумечка екипа, но воедно и слаба популарност поради избрзаниот наратив и недоследностите со дејството на книгата, но сепак вреди да се погледне ради фантастичната кинематографија и костимографија.