Еве и јас дојдов на оваа стара тема да потврдам дека Телеком не ги исполни барањата на АЕК во тој правилник од 2014, 12 Mbps, побрзо ке бидат активни 1Gbps сателитите на Еlon Musk отколку оптиката на Телеком.
Минимална Интернет брзина од 12 мегабита (1.5 мегабајти) во секунда е достапна и преку најосновната ADSL телекомуникациска линија, а бакарната телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком има техничка можност за такви Интернет брзини во над 90% од целата територија на Македонија.
А ако некаде сигналот е лош, тоа е веќе друга приказна, во такви околности се пријавува дефект, а доколку операторот не го отстрани дефектот тогаш нареден чекор е приговор до АЕК.
Но правилникот на АЕК јасно потенцираше дека заклучно со 2020 година, сите телекомуникациски оператори во Македонија треба да нудат широкопојасен Интернет со Интернет брзини не помали од 30 мегабита (3.75 мегабајти) во секунда, а тоа за жал не е достапно денес низ цела Македонија.
Кога сме кај оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком, истата се шири низ цела Македонија, но не станува збор за лесен потфат, на крајот на краиштата станува збор за целосно нова телекомуникациска мрежа за чии што потреби мора да се копаат цели траси од почеток и да се пуштаат подземни црева, па потоа да се пуштаат доводни оптички кабли низ истите тие подземни црева.
Секако мора да се земат во предвид и трошоците за дозволи за копања во урбаните средини, телекомуникациските оператори ретко се нафаќаат да дадат пари од свој џеб за ископувања и за градежни работи, освен ако се здружат заедно во заеднички градежни инвестиции, на пример, како што направија тогашен Вип, заедно со Телекабел и Неотел во 2017 година кога заедно копаа низ Карпош и Влае за да пуштат свои подземни црева.
Но вообичаено телекомуникациските оператори не се подготвени да ги одврзат кесињата за да платат за градежни дозволи за ископувања и враќање на улиците/булеварите/тротоарите во првобитна состојба. Одличен пример за ова се асфалтирањата кои се случуваат низ Скопјево изминативе два месеца.
Ископувањата и градежните работи на улица Џон Кенеди во Чаир беа добредојдени за А1 Телеком и Телекабел, кои си начекаа градежни работи платени со народни пари за да си пуштат свои подземни црева. Македонски Телеком не мораше да чека за да се шлепа врз јавна инвестиција за да пушти свои подземни црева на улица Џон Кенеди, бидејќи таму нивната оптичка телекомуникациска мрежа веќе од поодамна е достапна.
Градежните работи на булевар 8-ми Септември кај Александар Палас исто така беа добредојдени за А1 Телеком и Телекабел.
Градежните работи за проширувањето на булевар Никола Карев, односно Пластичарска, минатово лето 2020, беа добредојдени не само за А1 Телеком и Телекабел, туку и за Македонски Телеком, кои исто така пуштија свои подземни црева од северната страна на Пластичарска - страната која продолжува кон Чаир. Во тие делови оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком е само делумно достапна, па проширувањето на Пластичарска им беше добредојдено како на А1 Телеком и на Телекабел, така и на Македонски Телеком.
Од другата страна на Пластичарска - кон Калето, оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком исто така е веќе достапна во над 70% од урбаниот простор. Бит Пазар исто така е веќе целосно покриен, додека за во чаршијата Македонски Телеком исто така чекаше за копањата од џамијата до споменикот на Скендер Бег, па и тука Македонски Телеком се шлепаше врз јавна инвестиција за да пушти свои подземни црева во деловите во кои се копаше минатава пролет 2020. И токму бидејќи градежните работи не се одвиваа и од другата страна на џамијата се` до капијата кај Бит Пазар, во тие делови од чаршијата не е достапна оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком. Од друга страна, кај сите станбени згради кај Бит Пазар веќе е достапна оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком.
А1 Телеком копаше и пушташе подземни црева низ Хиподром, Маџари, Сингелиќ, Ченто, Автокоманда, Центар, Кисела Вода и други населби во 2019 година, но немаат пуштено доводни оптички кабли низ сите тие подземни црева. Етапно ги покриваат реоните, од летото 2020 па наваму ги пуштаат своите доводни оптички кабли низ нивните подземни црева во реон Ченто - Хиподром, Маџари, Сингелиќ, Триангла, Ченто, а имаат почнато и со пуштање на своите доводни оптички кабли низ нивните подземни црева и во Автокоманда.
Баш на почетокот од оваа недела, А1 Телеком пушташе доводен оптички кабел во новиот станбен комплекс Панорама Резиденс на Водно - кој наводно би требал да биде завршен со изградба до крајот на 2020 година, што значи дека сигурно нареднава 2021 година ќе ја продолжат својата офанзива и во реон Центар.
Неотел се најголемата мистерија - нивната оптичка телекомуникациска мрежа е достапна на најнеочекувани места во Аеродром и во Центар, а истовремено не е достапна во наредниот соседен објект. Не разбирам како функционираат тие, ако веќе си ја донел својата оптичка телекомуникациска мрежа до еден објект, тогаш во твоја корист и во корист на твоите потенцијални идни корисници е да ја прошириш оптичката телекомуникациска мрежа и во соседниот објект, особено ако се на иста страна од улицата и тоа еден до друг.
Друга глупост која неодамна ја открив за Неотел, е дека не пуштаат мрежни кабли кај своите корисници, туку наплаќаат дополнително за нивна инсталација. Ова е најверојатно единствениот телекомуникациски оператор во Македонија кој работи вака, за Македонски Телеком, А1 Телеком, Телекабел и за повеќето - ако не и сите - кабелски оператори низ Македонија, општо е познато дека пуштаат мрежни кабли до компјутерите и телевизиските рисивери на корисниците, без воопшто да наплаќаат за каблите и за нивната инсталација.
И за крај мора да се земе во предвид и (не)согласноста од станарите во индивидуални станбени згради. Иако е тешко да се верува, навистина има станбени згради во кои не е достапна оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком - а и на други оператори, само бидејќи не биле собрани доволно потписи од сите станари за издавање на согласност за пуштање на доводни оптички кабли во станбениот објект. Најголема глупост е кога во една станбена зграда во еден влез има техничка можност за поврзување со оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком или на некој друг оператор, а во друг влез нема техничка можност само бидејќи не биле собрани доволно потписи од станарите за издавање на согласност за пуштање на доводни оптички кабли во нивниот влез.
Се на се, пуштањето на доводни оптички кабли не е ни малку лесна инвестиција, особено во урбаните подрачја, а најособено во старите станбени згради.
За тие кои немаат техничка можност за поврзување со оптичката телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком, алтернативни решенија им се VDSL телекомуникациска линија преку бакарната телекомуникациска мрежа на Македонски Телеком - под услов корисникот да живее на помалку од 1 (ЕДЕН) километар од локалната телекомуникациска централа на Македонски Телеком, или хибриден Интернет - комбинација од бакарна телекомуникациска линија и 4G мобилен Интернет - доколку постои техничка можност, се разбира.