Ама ако сме реални, додека се почитуваше полицискиот час (на самиот почеток), успевавме некако бројката да ја држиме ниска. Не знам, можеби уплашеноста на народот си го направи своето, со оглед на тоа што во март многу малку се знаеше за вирусот. Но, тоа што сакам да го кажам е дека постои разлика меѓу полициски час (каков што беше кај нас) и целосен лок даун - карантин (како во Кина и Италија).
Полициски час/Карантин не е решение, ама поинаку не може со менталитетот на народот што живее во државата. Ќе продолжат и со крштевки, свадби, мекици, родендени. Ќе најдат начин. Можеби би требало казните да бидат многу повисоки, зошто вакви какви што се сега ( 20 евра за неносење на маска ), па и не е некоја голема пара и доста луѓе не го почитуваат истото. Ама да се казнува и за тие што не ја носат правилно маската! Маската нема никаков ефект ако ја носиш само на устата, а носот ти е откриен. Или ако после некое време ја свртиш од другата страна (да, и ова го имам видено).
Како последна опција би ги одбрала најпримитивните мерки во справување со пандемија - карантин (а не полициски час), но истиот би бил залуден, доколку не се почитува.
Дека се неспособни, неспособни се. Успеаа здравството да го спуштат на најниското можно ниво, па сега студентиве ќе не опоравуваат. Па зошто дозволија докторите по завршувањето на студиите да си идат во Германија? Зошто дозволија да бидат потценувани со работни места со плата од 14 000 денари? Зошто се толерира насилство врз лекарите? Требало да мислат порано, сега немаат кадар, па студентиве ќе не опоравуваат. Нека им е со лесно.
Разбирам и сфаќам дека економијата страда, ама здравје или пари?Всушност на крај се сведува на корона или глад.