Дечки, долго време се немав логирано, а гледам во последниве 10тина страни има пак дискусија за тоа каква клима да се одбере, па во малку подолг пост ќе ви споделам како јас гледам на работите при изборот на клима.
1. Колкави се топлотните загуби на просторот?
Ова е првата, основната и најважната работа која треба да се утврди, посебно ако мислите климата да ви биде примарно греење. На основа на просторот кој јас го греам (42м2; северо-западна експозиција, надворешни зидови 25цм од глинен блок, малтарени без изолација; внатрешни зидови од глинени блок, малтарени; таванот е плоча без изолација; подот е плоча, без изолација, со 2,2цм паркет; столаријата е 76мм со троен стаклопакет; не се грее над и под просторот како и страничните простории ) и пресметките во KnaufTerm потребите за топлина се следни:
a. Опишана ситуација погоре (без изолација) 5,2W/m2/степен разлика помеѓу вантрешна и надворешна температура.
б. Опишана ситуација погоре + таван (10цм изолација) 3,6W/m2/степен разлика помеѓу вантрешна и надворешна температура.
в. Опишана ситуација погоре + таван и надворешни ѕидови (10цм изолација) 2,7W/m2/степен разлика помеѓу вантрешна и надворешна температура.
г. Опишана ситуација погоре + таван + надворешни ѕидови + под (10цм изолација) 2,1W/m2/степен разлика помеѓу вантрешна и надворешна температура.
Ова значи дека ако сакате да греете просторија од 20м2 без изолација, кога просторот над и под неа не се грее како и страничните простори, потребната топлина на кога внатре барате 23 степени а надвор е -7 стеопени (30 степени разлика) ќе биде 20*5,2*30 односно 3120 W.
Ако таванот ви е изолиран со 10цм изолација за истиот простор при истите услови ќе ви требаат 20*3,6*30 односно 2160 W.
Ако живеете во стан, па станот односно просторот над вас се грее треба да ги земате вредностите како да имате изолација.
Погоре опишаната ситуација е некоја најлоша варијанта за објекти градени од 1980тите наваму, па мошне е веројатно потребите да ви бидат помали, на пример ако имате јужна експозиција или просторот под подот е вкопан подрум и сл.
2. Што е енергетската налепница и како да ја читам?
Наспроти генералното верување KW дадени на енергетската налепница не секогаш ја претставуваат моќта на климата за греење. Така на пример кај AP на енергетската налепница има дадено вредност од 4,2 KW, SCOP од 4,7, и годишна потрошувачка од 1250 KWh.
Ова значи дека ако просторот има побарувачка од 4,2 KW на -10 степени и внатрешна температура од 20 степени, годишно ќе потроши 1250 KWh електрична енергија (сметано по формула спрема фиксен број на часови на определена температура).
Ова не мора да значи дека на -10 степени максималниот капацитет е 4,2 KW. Така на пример според Eurovent AP50 на -15 дава 4,7 KW, па логично би било на -10 да може да даде повеќе, освен ако не би имало некое софверско ограничување.
3. Како да видам колку е капацитетот на климата на различни температури?
Освен ако производителот не даде детални спецификации за капацитетот на различни температури и различни оптеретување, најверојатно не можете да дознаете. Во тој поглед Toshiba во Engineering Data Book дава најдетални спецификации. Може да видете на пример колку е капацитетот и COP на 0 степен при 80% оптеретеност. Panasonic дава податоци за максималниот капацитет само на неколку температури ако се сеќавам добро. Mitsubishi дава податоци на неколку температури но само на номиналните Hz на компресорот, па реалниот капацитетот e поголем само не се знае колку поголем и со кој COP.
Друга опција да се добие генерална представа за капацитетот на минусни температури е преку бивалетната температура (Tbiv) и капацитетот при бивалентна температура (Ph Tbiv) од Eurovent. Капацитетот на бивалентна температура покажува дека на определената температура се испорачуваат (најверојатно) најмалку назначените KW при определен COP. Ако на TOL од -10 или -15 се испорачуваат помалку KW тогаш капацитетот на бивалетната температура најверојатно е максималниот на таа температура.
Пример AP50 на бивалетна температура од -10 испорачува 4,2 KW. За да се види дали ова е максимумот треба да се гледа на TOL што во случајот е на -15 и таму капацитетот е 4,7 KW, што сугерира дека овие 4,2 KW на -10 не се максималниот капацитет на таа температура.
Во спротивен случај ако на бивалетна температура од -7 имаме 3 KW, а на TOL од -10 имаме 2,8 KW мошне веројатно дека овие 3 KW на -7 се и максималниот капацитет на -7.
4. Колкав капацитет да одберам?
Најпрво пресметајте колку ви се топлотните потреби на -10 со вредностите дадени погоре. Ако имате простор од 30м2, живеете во зграда каде комшиите над вас и под вас греат, а надворешни ѕидови се изолирани со 10цм изолација, честитам, ќе ви бидат потребна клима со 2 KW на енеретска налепница (30*2,1*30=1890W) и сте добар кандидат за греење на клима. Барајте клими со енертската налепница која задоволува, споредете ја потрошувачката, гледајде бучавост, изглед, опции и слично според она што ви е важно.
Доколку пак живеете во куќа, над вас и под вас просторот не се грее, а немате никаква изолација ќе ви бидат потребни клима со 4,7 KW на енергетска налепница (30*5,2*30=4680 W) и сеуште сте ОК кандидат за греење на клима. Барајте клими со енертската налепница која задоволува (најверојатно јаки 18ки или ок 24ки, споредете ја потрошувачката, гледајде бучавост, изглед, опции и слично според она што ви е важно. Само не сметајте дека ќе поминете со 20.000 ден.
Ако пак сакате да греете 40м2 во куќа, над вас и под вас просторот не се грее, а немате никаква изолација ќе ви биде потребно клима со 6,3 KW на енеретска налепница (40*5,2*30=6240 W) и најверојатно тешко да се греете со клима цела сезона.
Ако имате големи загуби, од мое искуство пак може да се греете на клима најголемиот дел грејната сезона, бидеќи просечните температури се нешто над 0 степени во јануари како најладен месец. Како rule of thumb пресметајте ја потребанат топлина на 0 степени, барајте клима која на бивалентната температура ги дава бараните киловати на 0, барајте најголем можен COP на бивалетна температура и очекувајте дека најверојатно од кај 20 декември до 20 јануари ќе треба или дополнително да загревате или да се греете на друг начин а во зависност од сезоната може да поминете и само на климата.
5. Дали да се плати повеќе за познат бренд? Дали познатите брендови помалку се расипуваат?
Проблемот со отсуството на дефекти (квалитет) е познат проблем како асиментрични информации помеѓу производителот и купувачот. Колку некој модел или бренд сега ќе биде без дефекти (квалитетен) купувачот дознае дури по повеќе години, кога ќе биде касно за него, а производителот знае сега. Генерално подолгата гаранција и повисоката цена се најчесто користени критериуми за да се прикаже повисок квалитет но не мора да биде секогаш случај.
Квалитетот на компонентите можеби е најдобриот индикатор за квалитетот на уредот. Пример ако еден уред има кондензатори од Nichicon (кои генерално важат за мошне квалитетни) e планиран да работи без проблеми подолго време. Ако отсуството на дефекти е одредено од најслабата карика (дел) зошто би се ставала квалитетна електроника која може да изджи долги години ако компресорот е планиран да се расипи по 2 години. Во тој случај пологично е наместо квалитетни кондензатори кои коштаат неколку пати повеќе да се стават кондензатори од трета класа кои нема да издржат повеќе од 3 години на пример. За жал, без детално расклопување и споредување на уредите ова е многу тешко да се спореди.
Втората работа е според културата и репутацијата. Јапонците генерално имаат култура која високо го цени квалитетот, а и минатата репутација го потврдува тоа. Кинезите сеуште немаат толку висока култура на квалитет, ниту пак репуација, а и минато искуство ми го потврдува тоа.
Според мое мислење јапонските производи сеуште се генерално поквалитетни.
6. Кој бренд да го одберам?
Ова се моите мислења за различни брендови.
Mitsubishi. Имам SF 50 па може да споделам искуство од прва рака. Можеби најдобрите јапонски клими кај нас. Имам впечаток дека нудат најмногу KW со највисок COP. SF 50 работи комплетно според очекувањата и пресметките. Сервисот им е добар. Пред неколку години порачав AP 50. Кога ја отпаковавме забележавме дека во транспортот била оштетена внатрешната единица. За 24 часа договивме или да чекам нова пратка со AP 50 или да ја замениме со SF 50 со рефундација на средства. Бидеќи не можев да чекам на нов увоз ја заменавме. Цените се ненормално високи во споредба со соседството но јас добив 4 цифрен попуст. Доколку би требало да ја платам комплетната цена која ја бараат, мислам дека никогаш не би купил и најверојатно би одел на Daikin.
Gree. Имам и Gree Hansol 12 па може да споделам искуство со Gree од прва рака. Gree ми е комплетно разочакување. Hansol 12 го зедов пред неколку години за греење на 22м2. Првиот уред имаше проблеми со потрошувачката. Пријавив на сервис и после долги перипетии и префрлање на топки, недоаѓање на сервисер и сл. на крајот после помината гаранција испратија друг сервисер, кој утврди дека има ненормална потрошувачка на струја. На крај иако со истечена гаранција ја заменија климата со нова. Иако новиот уред трошо значително помалку сепак е далеку од декларираниоте бројки. Колку за илустрација Hansol 12 за 22м2 има приближно иста потрошувачка колку SF 50 за 42м2. Не би зел повторно Gree.
Toshiba. Даваат детални податоци за сите модели. Генерално климите се за 1 степен послаби во однос на останатите брендови. Пример, ако кај еден модел се гледа 12ка, кај Toshiba за истиот капацитет треба да се гледа 16ка. Познати за ниска бучавост и култура при работа, ама јас немам впечаток дека се нешто значајно потивки. Поскапи спрема соседството.
Daikin. Немам големо искуство со овие клими, но моделите кои ги продаваат ми делуваат ОК. Има модели каде соодносот цена / перформанси се прилично добри како FTXF 50. Цените генерално се на ниво со соседните земји.
Panasonic. Немам искуство со овие клими. Пред неколку години размислував да земам Z 50. Перформансите беа на ниво на Mitsubishi но со околку 100тина EUR пониска цена и потивка внатрешна единица. Проблем е што нема стабилен увозник.
Carrier. Немам искуство со овие клими ама мислам дека нема што да се бара кај нив. Цените се блиски со Toshiba но ниту се бренд како Toshiba ниту се нешто посебно ефикасни.
Haier. Немам никакво искуство со нив но мислам дека ако сега би требало да земам евтина клима би зел Hair. Има модели кои имаат одлични перформанси и добра цена, но треба многу внимавање со ознаките.