Консолидација на неуспехот: првиот по најмали приноси на пазарот го купува вториот по најмали приноси на пазарот
Инаку, прашањето на нето годишниот поврат на инвестираниот капитал е апсолутно најважното прашање за секого што се занимава со инвестирање. Нпр. некој може да почнал со инвестирање во 2013. и во повеќе наврати вкупно вложил бруто 50.000 евра, портфолиото сега му вреди нето 70.000 евра, продал акции за нето 20.000, земал нето 5.000 дивиденди. Неговиот вкупен поврат ќе биде (70.000 + 20.000 + 5.000) : 50.000 = 1,90, односно 90%. Со оглед на тоа што вкупниот поврат е остварен за време од 7 години, нето годишниот поврат е седми корен од 1,90, т.е. 1,096, односно тоа лице остварувало просечен годишен поврат од 9,6%.
Задолжителните пензиски фондови кај нас постојат веќе 15 години, а вредноста на инвестициската единица на фондот Сава денеска е 212,46, т.е. имале годишен поврат од само 5,15%, додека кај КБ е 216,89, т.е. годишен поврат од само 5,3%. За доброволните и отворените инвестициски фондови дури е и срамота да се пресметува затоа што повратите им се околу нула или дури и негативни, како нпр. кај горе споменатите Џенерали, коишто за 11 години постоење одвај оствариле 9-38 денари на секои 100 вложени:
Јас првпат купив акции во пролет 2008. година, а во меѓувреме скоро шесткратно го имам зголемено инвестираниот капитал на берза. Да сум бил инвестициски фонд, сега инвестициската единица би ми чинела 593 денари, односно сум остварувал годишен поврат од 16%. Тоа е трипати повеќе од „професионалците“ што ги „менаџираат“ пензиските фондови, а десетпати повеќе од „професионалците“ што ги „менаџираат“ „инвестициските“. Сега се превивам од смеење кога ќе ми текне дека 2007. кога ми пристигна првиот пензиски извештај од КБ Прво помислив дека имам инсајдерски информации што купуваат „професионалците“ што ми ја „менаџираат“ пензиската заштеда. Среќа па многу бргу ми се отворија очите, за разлика од финансиски затуцаниов народ којшто сѐ уште не сфаќа колку штета му прави вториот столб колејќи го секоја година со десетици милиони евра провизии!
Уште позадоволен сум со своите сегашни позиции во компании што се по 2-3 пати потценети, за разлика од нив коишто се преполни со преценети обврзници и индексирани акции коишто можат да идат само надолу.
Претпоставувам дека си водите детална евиденција за инвестициите и платените провизии, па интересно би било секој да пресмета и постира колкав нето годишен принос имал и за кој период. Не мора да се постираат апсолутните вредности на капиталот туку само годишните поврати, затоа што дури и некој млад што вложил само неколку илјади евра можеби е подобар инвеститор од „менаџерите“ што управуваат стотици милиони.
П.С. Не напишав уште една исклучително важна работа, а тоа е движењето на индексот за време на периодот на повратот. Нпр. за наведената пресметка со поврат од 9,6% треба да се има предвид дека индексот од 2013-2020. пораснал од цирка 2.000 до 4.000 поени, такашто и просечниот инвеститор имал раст од околу 10%, односно фиктивниот инвеститор од пресметката не бил ништо подобар од просекот на пазарот. Во мојот случај од 2008-2020. индексот имал ПАД од 7.000 на 4.000 поени, односно просечниот инвеститор ЗАГУБИЛ 4,8%, што значи дека сум бил подобар од просекот за околу 20% годишно!