Не навлегувам во анализа кој од кого крадел пронајдоци и не негирам, тоа не ми беше предметот на дискусија. Ја коментирам генералната политика и зошто се постапило како што се постапило. Советите биле млада држава, со институции во зачеток, во многу аспекти сеуште недефинирани, како на пример односот генерали-воени комесари, што и многу ги коштало во почетокот на војната. Стаљин тоа го знаел и бил со мислење дека доколку не обезбеди сојузник пред да почне војната советите ќе изгубат.
Јасно му било дека фашистите убиваат германски комунисти и ја сметаат СССР најголемо зло и еврејска творевина. И самите ѕверства потоа на германците на источниот фронт го докажуваат тоа. Но од друга страна односите со сојузниците исто така биле катастрофлано лоши, така што СССР пред војната бил без сојузници и во најлоша ситуација. Имаш фашистички блок, сојузнички блок и СССР.
Значи не ги напаѓам сојузниците дека немале причина за да ги бојкотираат русите и да не прифаќаат сојузништво уште во 1939. Да не се повторувам проценките за воената сила на државите пред војната, се знаело тоа што се знаело и врз основа на нив донеле одлука, која во тие моменти ја сметале за исправна. Но, факт е дека маневарскиот простор на советите бил многу поограничен, а посебно што и на крајниот исток се граничеле со јапонската империја која ја имала окупирано Манџурија. Што значи се заканувала војна на два фронта. Така згужвани советите и без пактовите би биле лесен плен. Затоа Стаљин знаејќи дека сојузот со Хитлер е 100 пати потешко остварлив прилично инсистирал на тој со ФРА и ВБ, но откако преговорите пропаднале се одлучил на тој непринципиелен пакт, кој од друга страна им одговарал и на нацистите за да избегнат војна на два фронта.
А и апсолутно никој не може да гарантира дека војната би течела така како што течела доколку не се склучел пактот Рибентроп-Молотов. Баш напротив поверојатно е дека доколку Хитлер без склучениот пакт би бирал дали прво да ги нападне ФРА, Бенелукс и ВБ или СССР прво би одел на кај исток. Нормално хипотетичка е ситуацијата, но анализирајќи ја големата слика што ја имал фирерот, секогаш приоритет имале природните ресурси. Затоа и меѓу другото Москва не паѓа во декември 1941. А уште помалку веројатно е дека би имало западна помош доколку Вермахотот би го нападнал СССР при неосвоени Бенелукс и ФРА. Изјавата на идниот претседател на САД, Труман непосредно после Барбароса многу добро го објаснува западното расположение: ,,Супер оставете ги нека се добро испоубијат, па потоа доколку губат германците ќе им помогнеме нив, ако не на русите". Така што чисто се сомневам дека русите би добиле од САД околу 400.000 транспортни возила, авиони, противаионска артилерија, храна и останати ресурси без кои тешко дека би победиле.
Ваква за русите од прилика била ситуацијата пред војната. Така што пред да мериме на кантар кој колку се огрешил треба да се земе во предвид просторот за маневар. А истиот кај советите е речиси никаков.
Друга работа, за окупираните територии. Повторно зборуваме за 1939 година, а не за 2020, а во 1939 сите моќни држави се империјални, па така: Јапонија, Германија, Италија, ВБ, Холандија и ФРА имаат свои окупациони зони/колонии, додека расизмот де факто и де јуре постои во САД. И покрај Атланската повелба колониите си ги задржуваат ВБ, ФРА и Холандија и после ВВ2. Тоа не дека е оправдување, но што би рекол ти да разбиеме некои си западни табу теми.

И тоа дека СССР влегол во војна за ширење на територии е апсолутно неточно и бесмислено. Барем од тебе како добро запознат со настаните не очекувам вакви доскочици. Не му паѓала на Стаљин на памет империјалистичка војна во никој случај. Напротив, ја сметал фатална за СССР, со оглед на тоа дека веќе пред војната имало осетна разлика помеѓу бројот на машко и женско население(9:10), како резултат на граѓанската војна.
п.с. Инаку, да во право си за авионите, тоа бил вкупниот број кој го имал Вермахтот, на источниот фронт според изворот од кој јас читам имале околу 2000 на располагање. Катастрофален старт имале СССР, 10-тина големи окружувања и неколку милиони заробени војници за половина година. Со судни маки го одбиваат нападот на Москва, благодарение на свежите сибирски дивизии и тоа што на инсистирање од Хитлер Гудеријановата оклопна дивизија се префрла од Армијата Центар кон Армијата Југ, давајќи им приоритет на ресурсите пред главниот град.