На новинарско прашање , министерот за здравство Венко Филопче немаше информации за позитивни од општината Чешиново – Облешево.
Градоначалникот на општина Чешиново Облешево Горанчо Крстев е позитивен на заболувањето. Тој за
Слободен печат вели дека на 23 март бил да се шиша кај фризер од Кочани кој за жал вчера го загуби животот.
Откако дознал дека фризерот е позитивен, веднаш закажал два термини за тестирање, најнапред во приватната клиника Систина, а потоа во приватната клиника Филип Втори.
-Многу луѓе таму си одиме на шишање со години. Од каде да знам дека можело да биде позитивен? Бог да го прости човекот. И видете сега, тоа не е за криење, ние дури на 1 април разбравме дека е позитивен на тестот. Одма истиот ден на први април се ставив во изолација сосе цела фамилија. Не одев на работа, почнав да вртам на телефоните. Најбрзиот рок ми беше во Систина. И отидовме со жена ми и на двајцата резултатот ни беше негативен. Во исто време ѕвонев и во Филип Втори и тие ми закажаа. Вчера беше терминот во Филип Втори, среќа отидов и на тоа тестирање. Сабајлево ни дојдоа резултатите позитивни. Температура немам, немам никакви симптоми. Во последните месец дена не сум контактирал со политичари. Дадов налог сите вработени од општината да одат во самоизолација. Немам отидено за Скопје повеќе од еден месец, како што ги донесоа мерките, како што почна ова со коронавирусот, не сум бил во контакт со ниеден политичар. Ниту пак некој политичар ме посетувал во општината, рече Крстев за Слободен печат.
Тој додава дека многу го вознемирило тоа што некои медиуми, ги вмешале неговите деца во случајот, што е недозволиво.
-Не се плашам. Ако не дај Боже нешто не ми е добро, ќе одам на лекар, има добар медицински кадар, ќе ме лекуваат ако дојде до тоа, додава градоначалникот за Слободен Печат.