Гледам нешто многу жолч по мрежава во врска со барањата на приватниот сектор за помош од државата среде корона кризава. Па некои дури и се ситат на неволјите и евентуалното пропаѓање на "олигарсите",...
www.facebook.com
Гледам нешто многу жолч по мрежава во врска со барањата на приватниот сектор за помош од државата среде корона кризава. Па некои дури и се ситат на неволјите и евентуалното пропаѓање на "олигарсите", "тајкуните" и сл.
Да објаснам прво некои работи за "експертите": другари, платата што ја земате во државно (бидејќи овие мудреци се претежно во државен сектор вработени и сл. ) не расте на дрво и не ви ја дава партијата што ви помогнала да се вработите. Не, другари. Мора прво да се наполни буџетот, а тој се полни од давачките и придонесите што ги уплаќа приватниот сектор. И после вие земате плата, придонеси, дневници, патни трошоци, репрезентации, ручеци, мучеци...
Значи, ако приватен сектор нема приходи, нема ни давачки да подмири, нема плата за вас. Сфаќате? НЕМА ДА ИМА ПЛАТА НИ ЗА ВАС! Мислите дека што и да се случува во економијава, за вас плата ќе си има, гарант така си мислите, така? Е ПА НЕ Е ТАКА! Во најдобар случај ќе ви биде намалена за 20-30%, ќе ви доцни, а не дај Боже, може и скроз да нема.
Второ, не сите во приватен сектор се олигарси и тајкуни. Приватен сектор е и маалскиот фризер што сега нема муштерии; и слаткарот што треба да ги фрли колачите; и пазарџиите што немо гледаат како им скапува робата на тезгите. И еден куп други микро, мали и средни бизниси што сега трпат загуби заради коронава. Тие се преку 90% од бизнисите во Македонија, ако не сте знаеле. Сите овие луѓе треба да однесат пари дома кај што ги чекаат деца, внуци... А пари нема, затоа што нема промет, све е замрено, нели. Некои се и затворени со одлука на влада и во моментов си ја чукаат главата не знаејќи што да направат за да си го спасат бизнисот и егзистенцијата за своите семејства.
И оние работници што работат во големите фирми на тајкуните нели, нема да имаат плата, а некои и ќе останат без работа. Тие се ваши роднини, пријатели, комшии... Луѓе што следниве месеци ќе бидат очајни затоа што ќе немаат за храна, за лекови, за рата за кредит. А, вие се ситите на маките на нивните компании, на газдите со џиповите.
Големите буџи со џиповите, драги мои, нема да бидат најголемите страдалници, не се секирајте за нив. Имаат тие складирано кеш и имоти колку за три животи.(И не, не... знам што ќе речете, но НЕ. Нема да посегнат тие по своите приватни резерви за да дадат плати. Едноставно, ќе ги затворат фирмите или ќе ги сведат на минимум вработени).
Најдебелиот крај ќе го извлече малиот човек, ситниот трговец, малиот претприемач, неговите вработени, и илјадниците други вработени кај големиот капитал. Ќе нема плати, нема придонеси, нема потрошувачка, нема ДДВ, нема други давачки, значи дупка во буџетот, ГОЛЕМА! А во таа дупка се и вашите плати. И пензии. И трошоците за градинките и школите на вашите деца. И лековите за вас и вашите блиски. И парите за социјална помош на ранливите. И уште многу "и"...
Затоа пополека со пизмата кон приватниот сектор. Не ја сечете раката што ве храни. Треба да сме сплотени, државата секако ќе треба да помогне колку што може, ќе мора товарот да го поднесеме сите. За да утре пак истиот тој приватен сектор ви ја обезбедува вашата плата, ферштен?
Ај сега добра ноќ, и сонувајте убаво.