Економска катастрофа се случува во Еврозоната, УК и САД во моментов. Рекордни падови на берзанските индекси во Европа, а САД има нов, уште еден "црн понеделник" во низата. CAC 40, DAX и FTSE 100 отидоа во провалија. Што и да преземаат европските држави, кои уште не стигнале до состојбата на Италија, нема да го спречат трендот. Проблемот не е само состојбата на пазарите на капитал и разни сектори на реалната економија во моментов, туку тоа што монетарната и фискалната политика на земјите на Запад има многу мал простор за маневар, скоро никаков. Тоа може да има ланчан ефект низ целата глобална економија, кој никоја земја нема да може сама да го менаџира и да го ублажи.
Државите од Северна Европа се неодговорни со нивниот "lax" пристап, ако некој ме прашува мене, никаква математика не е во прашање. Ако имаат масовна епидемија како во Италија, ресурсите кои ќе мораат да ги мобилизираат за борба со епидемијата, штетата врз човечкиот капитал и производствениот процес, како резултат на карантинот на голем број на работната сила и рестриктивните мерки кои ќе мораат да ги воведат некогаш за популацијата и бизнисите, ако епидемијата се влоши, ќе резултираат со многу поголем трошок од било какви мерки кои би ги вовеле во моментов.
Можеби следат некаков протокол за справување со епидемија, па бидејќи немаат таков притисок врз јавното здравство, како Италија, уште не воведуваат порестриктивни мерки. Ама тоа може да биде многу ризична стратегија, ако се земе искуството на Италија како бенчмарк.