За реагенси за коронавирус имаме воспоставено линк за соработка со лабораторија во Ниш, ако има потреба, вели министерот за здравство Венко Филипче во интервју за ТВ Канал 5, потенцирајќи дека место за паника нема.
Досега кај нас немало патници со индиции за специфично тестирање од коронавирус. Пристигнати се 4-5 патници од места одалачени 1.000 километри од Вухан, но, како што вели министерот за здравство Венко Филипче, немаат никакви симптоми и дадени им се насоки што треба да прават доколку им се јават.
„Обичните тестови за специфичниот коронавирус кои кај нас веќе ги има од порано, ќе стигнат на почетокот на следната недела. Во меѓувреме, во директен контакт со Министерството за здравство од Србија направивме договор во Ниш да се испраќаат анализите од крв што ќе се земаат на пациенти кај што е тоа индицирано, што значи дека за многу кратко време би ги имале резултатите“, рече Филипче.
Доколку имаме заболен од коронавирус, наведува, има цел болнички дел од едно одделение на Инфективната клиника, а кое беше во приправност и за време на претходните епидемии со сарс и ебола, со строго определни стандарди како се третира пациент кој треба да биде во излолација. Направен е и план кои делови од одделенијата на Инфективна клиника да бидат ослободиме доколку има потреба од дополнителни кревети и респираторни машини со доводи во ситуација ако се јават повеќе пациенти.
На Меѓународниот аеродром во Скопје е поставена термална камера, а за аеродормот во Охрид, каде важат истите правила како и на останатите гранични сувоземни премини, вели Филипче, разговарано е со концесионерот и подготвени се доколку треба за кратко време да ја донесат, односно да набавиме уште една. Во целосна приправност се службите од центрите за јавно здравје, потенцира министерот за здравство.
Министерството за надворешни работи попладне информираше дека македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на нашата држава во Пекинг и Париз, успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан. Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на корона вирусот.