Угостителите се пишманат, откако самоиницијативно најавија уривање на платформите сега сметаат дека тие не се дивоградби и не пречат на УНЕСКО
05.09.19 09:56
Прегледи: 221
На почетокот од месец август дел од угостителите најавија дека самоиницијативно ќе ги отстранат платформите од Охридското Езеро, како придонес во обидите да се зачува статусот на Охрид во УНЕСКО. Од „Аквариус“ кој прв поднел таква иницијатива, истата јавно ја поздрави градоначалникот Константин Георгиески. Тој тогаш објави дека надлежниот инспекторат издал решенија за отстранување на платформите од езерото во стариот дел на градот.
Но, не помина долго време, охридските угостители му испратија ново писмо на градоначалникот во кое бараат поништување на решенијата на Градежниот инспекторат од Охрид за отстранување на платформите на угостителите во Стар град.

Според Здружението на угостители изградените платформи во Езерото немаат никакво еколошко влијание на живиот свет во него, бидејќи, како што се наведува во писмениот допис до надлежните институции, „тие се изградени од природни материјали (дрвен патос и метална конструкција), така да не само што не се штетни, туку напротив, имаат дури и докажано позитивно влијание врз флората и фауната во езерото.“
Угостителите од Стар град сметаат дека евентуалното уривање на платформите ќе предизвика голема економска штета, бидејќи локалите кои гравитираат во овој дел од градот имаат ограничен пристап.
Поради наведеното, Здружението на угостители смета дека треба да се повлече одлуката за отстранување на платформите, а Локалната самоуправа и Министерството за транспорт и врски да изнајдат решение за легализација на истите.