На бизнисмен од Битола, кој на почетокот на годинава добил тендер во РЕК Битола, од висок функционер на власта му бил побаран рекет од 250.000 евра во кеш. Имено, во првите три месеци од оваа година битолскиот бизнисмен, чија фирма подолги години има успешна деловна соработка со РЕК Битола, регуларно добил тендер во оваа фирма, за ангажман на неговата механизација. Но, неколку дена после добивањето на тендерот добил повик и му била закажана средба од висок функционер на власта, по потекло од Битола.
Средбата се остварила во Битола при што функционерот, кој не е дел од раководството на РЕК, побарал од битолскиот стопанственик во рок од неколку дена да му даде 250.000 евра во кеш, доколку сака работата на добиениот тендер и исплатата на сработеното да се одвива без проблеми. На таквото дрско барање битолскиот бизнисмен негодувал и барал објаснување, но функционерот од власта бил краток и јасен, средствата се потребни за повисоки цели и мора да се исплатат во кеш.
Но, бизнисменот сепак решил да најде начин да не го плати рекетот од 250.000евра и решил да искористи некои свои лични врски со странски дипломати. Ден после таа непријатна средба со функционерот од власта битолскиот бизнисмен се упатил кон Белград, каде претходно се јавил и веќе закажал средба во амбасадата на Република Белорусија, која нерезидентно ја покрива и Македонија. Заради ургентноста на барањето битолскиот стопанственик бил примен од белорускиот амбасадор Валериј Бриљов, со кого се познавал лично од 2017 година. Битолскиот стопанственик му го објаснил случајот за барањето на огромна сума на рекет во кеш и во име на личното пријателство го замолил амбасадорот на Белорусија да ги искористи своите дипломатски и политички врски во Белград и во Скопје, и да ургира да му помогнат да се спаси да не плати 250.000 евра рекет.
Ова за Магазин го дојави извор близок на битолскиот бизнисмен, кој инсистира на анонимност и се повикува на законот за заштита на укажувачи. На нашиот извор не му е познато со кого во Македонија контактирал белорускиот амбасадор, но тврди дека битолскиот стопанственик, после ургенцијата кај странскиот амбасадор, успеал да не го плати бараниот рекет во кеш.