Мундијалот влегува во најинтересната фаза, а во Македонија полека избледува мундијалската „еуфорија“ која годинава и не беше којзнае каква. Пред СП да стане минато-свршено, а целата спортска јавност да си најде занимација за коментирање во другите спортови, решивме да го објавиме и ставот на g-sport.mk за целата мундијалска приказна, за нештата пред и потоа.
Ракоментната хиерархија не претрпе некои позначајни измени. Данска, Шведска, Норвешка, Франција, Шпанија, Германија и Хрватска се ракометната елита. Бразил, Египет, Тунис и Катар се нееверопската елита. С. Арабија, Ангола, Јапонија, Кореја се мундијалската опашка. И така (со исклучок на Кореја, Полска, Чешка) е со години наназад.
Сите други се некаде помеѓу. Во зависност од ждрепката, судењето, некоја повреда итн. се менуваат актерите од бројот 8 до бројот 18, но нијанси се во прашање.
Македонија си ја одработе својата мундијалска приказна и сега сите сме (не)задоволни. Нит старите се прославија, нит младите покажаа нешто особено, нит седум на шест ја усовршивме... од друга страна, нит се посрамотивме, нит бевме нешто надиграни, победивме каде што моравме, не изненадивме каде што сакавме и тоа е тоа.
Селектори и селектори
„Нисам дошао ја вас да тренирам. Ја сам овде да селектирам и да вас водим“, им изјави Среќко Катанец своевремено на фудбалерите, а и ден денеска ги боли таа изјава. А човекот си кажа една сурова вистина. Не негово да покрива се што другите не сакаат или не знаат или ги мрзи да сработат.
Генерално има има два вида селектори. Еден тип е Раул Гонзалез на пример. Луѓе со истенчени манири, работат во други првенства, овде доаѓаат да селектираат и да водат. И да ви кажат отворено доколку сакате да слушнете, дека не е нивно да направат играчи. Тоа се задачи на клубовите. И првенствено на играчите.
Вториот тип се селектори како Лино Червар и Звонко Шундовски. Засукани ракави и по цел ден до лакти замесени во тестото од кое се обидуваат да направат нешто што ќе може да се проголта. Работеа во клубови кај нас, ги имаа на увид сите играчи, некаде можеа да влијаат, некаде не...ги имавме, не ни чинеа.
Има и трети и четврти типови, како Дагур Сигурдсон кој ако е точна легендата за 700.000 цела година ја подготвува Јапонија и заврши последен, како Кристијансон, Ривера итн. што работат напорно за петро долари и имаат репрезентација што е клуб и што .. еве на крајот видете им ги резултатите.
Како најголем проблем на македонската репрезентација би ги издвоиле нереалните очекувања. Хрватска беше наш таргет... Хрватска што на центар ги има Дувњак, Циндриќ и Карачиќ, а ние ги имаме Филип Лазаров, Чурлевски и Крстевски... И на крајот уште се чудевме и бевме разочарани како сме загубиле. Виновен беше Филип Лазаров, виновен беше Раул, седум на шест итн.
Помалку очекувања, повеќе работа
Се сеќавам на еден натпревар што Металург го играше во Кил. Пред 4-5 години. Филип Талески тогаш блесна, постигна три гола, а јавноста беше воодушевена. Медиумите што за да се „шитне“ некој клик, што изгорени од желбата да најдеме замена за Лазаров веќе го ставивме на пиедестал.
Не беше стишана еуфоријата, кога недолго потоа, еден од повозрасните играчи на Металург ми призна.
„Не форсирај, правиш беља. Цела клупа подрипнавме кога Винцек отиде на Тале. Помисливме, толку од детето“...
Талески и Кузмановски преживеаја некако но, уште се младите од кои чекаме, а никако да дочекаме нешто. Одново не сме реални, фактите се дека едниот грее клупа во РНЛ, другиот игра цела сезона против Борец, Радовиш, а ние чекаме да ја изрешетаат Шпанија со Морос, Гвардиола и Кањељас во ѕидот.
Серафимов, Танкоски и другите? Лично не би сакал да видам нивни дуел со Патрик Винцек или не дај боже Фин Лемке.
Кирил Лазаров во 1999 за пет минути ни докажа дека аматерска грешка направија Нишевиќ и Стефановски кога Мандиќ го имаа за прв десен бек. На ова СП, немаше играч да покаже дека заслужил повеќе.
Чекор по чекор
Две изјави се издвојуваат од тие од кои на новинарите им се крева коса на глава. „Одиме без бело знаме“ и уште побесмислената „Одиме чекор по чекор“...
Македонија има осмислен систем на натпреварување. Чекор по чекор. Имаме пионери, кадети, јуниори, сениори. Сите репрезентации се натпреваруваат во своите категории, се функционира како што треба, но финалниот производ...рековме, не сакаме да го видиме во дуел со Фин Лемке.
Може да ни биде кој сака селектор, ништо нема да може да смени. Па имавме многу звучни имиња за селектори, а резултатите ни беа исти. Времето почна да не гази, а паниката ќе станува се поголема, затоа што нема нов Лазаров на хоризонтот.
Македонија нема добро осмислен, осносно нема никаков систем за инетеграција на играчите од една во друга репрезентација.
Серафимов, Танкоски, Чурлевски... премногу лесно станаа сениорски репрезентативци. Немаат стабилен статус ниту во клубот, а оваму треба да играат против Виран Морос, Жељко Муса. Па потоа тие се виновни, што не ја победивме Хрватска.
Читајќи ги нашите тренери по ФБ, излезе дека најголемата грешка на Раул е што Кукоски не е во состав или Димитриевски... Некако немаме јасна слика околу тоа кој што може колку може, дали може, дали сака, дали е спремен?
Потребна е „Б“ репрезентација или како и да се вика. Таму треба да играат кандидатите за А тимот. Да играат како што вели Раул - Медитерански игри (Патем имавме и медитеранска селекција што играше годинава, па истиов Раул од тој список не повика „никого“) .
Сеедно, поентата е дека треба да покажат дека се вредни да бидат во А тимот. Да играат цела година, да ги води селектор што ќе биде цело време овде, не само да селектира, туку и да тренира. Да се расправа со Чирковиќ, Петковиќ, Брестовац, Парондо за минутажа, да им докажува на Андоновски, Котевски, Матлиески дека направил добар избор.
Потребен е скаут што ќе ги следи младите играчи и ќе ги ислуша тренерите и ќе ги проверат нивните играчи, ќе ги препорачаат за тој „Б“ тим, што ќе мора аргументирано да одговори на критики...
Најпотребен е малку поинаков пристап, помалку очекување и фалење, повеќе работа. Требаат натпревари на кои ќе се игра и седум на шест и шест на шест и 3-2-1, и 5-1. На кои ќе ги видиме и Кукоски и Димитриески и охридските надежи и тие надежи од кадетско-јуниорскиот тим... Треба систем што ќе направи подобар продукт. Сениорскиот „А“ тим со сите 5-6 дена за подготовка, треба да биде спремен и репетиран како автомат кога ќе треба да се игра.