Од издавање на станови во Македонија годишно се зимаат околу 200.000.000 евра, а веројатно уште толку од издавање на деловен простор. Издавањето на станови е воглавно неоданочено, а тука стојат на маса околу 30 милиони евра што власта со многу мало залагање може да ги наплати. Износот на затаеното ДДВ е сигурно петпати поголем, а неиздавањето фискални сметки е евидентно малтене каде и да се седне во кафич или ресторан во „македонските“ делови на градовите, а посебно во албанските. За калакурницата на расходната страна на буџетот од тип проневери, местени тендери, партиски вработувања ич и да не почнувам!
Меѓутоа, власта запнала да даночи високи приходи, дивиденди и капитални добивки. Моја прогноза е дека за 2018. ќе видиме рекордни приходи на физички лица, многу поголеми од ланските 170.000.000 денари на Жан Митрев, пред се' како резултат на извлекување на сиот вишок капитал од страна на газдите во форма на дивиденди. Исто така, очекувам многу креативност во прикривање на приходите на физичките лица, со што наплатата на планираните 25.000.000 милиони евра од зголемената стапка драстично ќе се изјалови.