еве го членот од законот каде се дефинира што и како со сервисирањето
Гаранција и сервисирање
Член 22
Трговецот е должен, согласно со техничките прописи со кои се
определуваат производите за кои производителот, увозникот, односно
застапникот на странска фирма мора да издаде гаранција за квалитетот,
односно за исправното функционирање на производот, документ за начинот
на употреба на производот, да обезбеди сервис за одржување и поправка и
снабдување со резервни делови во гарантниот рок. Трговецот е должен
најмалку за пет години од денот на производството на производот да
обезбеди резервни делови. Во согласност со потрошувачот производот може
да се сервисира најмногу три пати во рамките на гарантниот рок и доколку
не се поправи производот потрошувачот има право да бара од трговецот да
го замени со ист таков нов и исправен производ или да му го врати
платениот износ на потрошувачот за купениот производ.
Производителот е должен да се придржува на обврските од гарантниот лист.
Гаранцијата содржи:
- фирма, односно назив и седиште на давателот на гаранцијата;
- податоци за производот со кој се идентификува производот;
- изјава за гаранцијата и за условите на гаранцијата;
- траење на гарантниот рок;
- рок во кој трговецот е должен да постапи по барањето на корисникот на
гаранцијата и да ги отстрани дефектите и недостатоците на производот;
- фирма, односно назив и седиште на трговското друштво или друго правно
или физичко лице што производот го продал на мало, датум на продажбата,
печат и потпис на овластениот работник, а ако се во прашање постројки,
уреди, опрема и други средства за работа - фирма, односно назив и седиште
на испорачувачот, датум на пуштање во погон или на предавање на
производот на корисникот на употреба и потпис на овластениот работник и
- изјава дека потрошувачот ги има законските права кои произлегуваат од
националното законодавство кое ја регулира продажбата на производите и
дека овие права не се загрозени со гаранцијата.
Трошоците за материјалот, резервните делови, работата, преносот и
превозот на производот што настануваат при отстранување на дефектите,
односно замената на производот со нов производ врз основа на
гаранцијата, паѓаат на товар на давателот на гаранцијата.
Документите од ставот 1 на овој член мора да бидат напишани јасно и
читливо на македонски јазик и кирилско писмо, што не ја исклучува можноста
истовремено употреба и на другите јазици и знаци лесно разбирливи за
потрошувачот.