Ќе се обидам да објаснам во неколку точки за полесна организација на мислата.
1. Македонците ретко се бунтуваат во споредба со други народи. Илинденското востание беше предвреме и иницирано од елементи од Бугарија. Во втората светска војна се дигнавме последни во југославенските простори. За време на СФРЈ од Македонија речиси да немаше комунистички дисиденти. Немаше и некоја голема антикомунистичка емиграција (а имаше голема дијаспора). Хрватски и српски емигранти вршеа атентати на амбасадори, киднапирање на авиони и други терористички акцији. Ништо од тоа кај нас. Во 1968 имаше револуција во Чешкословачка и огромни студентски протести во цела западна Европа кои се проширија во Белград, Загреб и Љубљана. Од Скопје во тоа време судентите праќаа телеграма на подршка до Тито. Во осумдесетите имаше големи националистички и генерални антикомунистички превирање, Југославија се распаѓаше. Немаше такви работи кај нас. Ни криви ни должни, го преживеавме тој распад со независна држава со сплет на околности.
2. Народот сам по себе многу ретко менува нешто. Победата речиси секогаш била на страна на тие што соработуваат подобро меѓу себе, подобра организација. Дисциплинирана војска лесно победува неорганизирана орда, обединета елита доминира над неорганизираните маси. Кога револуцијата во Русија пламна во 1917 тоа не се случи затоа што 180 милиони селани и работници се побунија против царот. Во тоа време, Комунистичката партија имаше само 27,000 членови во споредба со 3 милиони припадници на средна и висока класа. Но заради високата организираност, шака болшевици се имаат ставено на вистински места во вистинско време и после е историја. Та така и во Македонија за да се случи некоја промена треба добра организација, не мора да е голема, а масата е само алатка за промена.
3. Конкретно оваа власт е неспособна затоа што не е дојдена на власт по сопствени заслуги. Едноставно се работи за насаден, октроиран режим. Претходните барем правеа Потемкинови села, овие ни тоа не можат, неспособност смрде на сите страни.
4. Зошто се случуваат работите кој ги наведе - крадење, местење итн. Затоа што ако ставиш просечен Македонец на власт тоа ќе го добиеш. Власта е рефлексија на нашето општество. Како што и општеството е рефлексија на власта. Кокошка и јајце проблем. Просечен Македонец секогаш ќе гледа да фати врски за да се заврши нешто побрзо. Ако може да направи услуга на пријател или роднина така што ќе вработи некој нивен, се разбира дека ќе го направи тоа. После тие луѓе тебе ти должат, па кога ќе затребе ако можат и тие ќе помогнат итн. Овие на власта се се тоа, само на стереоиди, власта корумпира, апсолутна власт корумпира апсолутно. За да имаш нормална држава треба да имаш општество со интегритет и доблесна структура. Кои работи се дозволиви, кои не се , а кои не се под никој случај. Кои доблести се негуваат во Македонија? Речиси е срамота да бидеш чесен човек. Дури и централниот симбол и наратив околу кои ние како народ сме организирани ( а на сите народи се потребни симболи и наративи за да постојат) - името е на распродажба. Дали оние 7-8 пратеника кои гласаа за промена на устав ќе бидата нешто остракизирани во општеството за година дена? Не верувам.
Имаме нефунционално општество , следствено и нефункционална држава. Во историјата такви држави исчезнувале и биле голтани од други, поефикасни држави. Но бидејки сериозна војна во Европа немало од 1945 и постои механизам да се спречи промени на граници и да се одржава стабилност, постоиме како држава во полу-коматизирана состојба. За да се разбудиш, или промената ќе дојде од долу - приоритети на општеството ќе се менуваат, или од горе - шака визионери нагло ќе ја смени насоката на општеството. Првото е ужасно бавен процес, второто е ризичен процес. На секој Ли Куан Ју или Ататурк има барем десет Сталина, Иди Амин итн.