Ако гледаме прагматично на работите факт кој моментално стои е дека: Црна Гора и Србија се први на листата за влез до 2025 и тоа евентуален влез кој е условен со еден куп работи, ова особено се однесува за Србите. Моментално Црногорците се со најреални изгледи за влез бидејќи имаат отворено најмногу поглавја, меѓутоа поканите за членство обично одат во пакет и интенциите на ЕУ кога станува збор за Западен Балкан се: приемот на државите да оди во тој формат. Со други зборови, Црна Гора ни крива ни должна ќе треба да ги чека нивните довчерашни браќа Срби за влез.
Е сега, каде сме ние во целата оваа приказна и колку најавите на ЕУ и поставувањето на таква временска рамка за членство можат да се земат здраво за готово е прашање за кое не постои дефинитивен одговор, особено кога ќе се земат предвид превртливите политики на ЕУ кон државите од овој регион. Мене ова повеќе ми личи на "морков и стап" уценувачка дипломатија. Делот "ако" е клучен. Ако вие ги решите билатералните спорови, ако вие направите напредок во таа област и ако има доволен напредок кај останатите држави и АКО ние не влеземе дотогаш во некоја нова економска мигрантска криза "можеби" некоја од вас ќе стане членка до или во 2025.
Истовремено ова служи и како добар спин за оттргнување на владите кои водат проруски политики или давање на некаква преусловена надеж за некаква европска перспектива.
До тогаш многу работи можат да се сменат и јас лично ваквите ветувања би ги зел со доза на резерва, пошто минатите искуства велат дека никогаш не можеш да бидеш на сигурно кога станува збор за ЕУ и нејзините ветувања.
Она што сега се чини повеќе приоритетно за Западот кога се однесува политиката која ја води кон нас е членството во НАТО, додека ЕУ е сеуште "можеби" џокер за уцени. Од тука и потекнуваат притисоците за решение во спорот за името. Америка нема пракса да остава дупки во нејзините стратешки региони за евентуално туѓо влијание, така да очекувам во скоро време, доколку се реши спорот околу името членство во НАТО. За ЕУ, ќе почекаме. Ако не го фатиме овој прв евентуален бран за проширување, заедно со Црна Гора и Србија до 2025, тогаш иднината ни е црна и неизвесна, дефинитивно. Ќе треба да ги чекаме Косово и Босна онаму после 2030.