Нешто слично како евакуацијата на борците за човекови слободи и права од Арачиново во 2001 година.
За да не пресуши изворот на борци за човекови слободи и права, мора да им се помогне на преживеаните ѓубриња, бидејќи прашање на време е кога повторно ќе бидат потребни за некаде да започнат некаква нова револуционерна "пролет".
https://off.net.mk/vesti/razno/kako-sojuznicite-borcite-na-isis-da-izbegaat-od-raka
Како сојузниците помогнаа борците на ИСИС да избегаат од Рака
14 Ноември 2017 - 15:51
Валканата тајна на Рака
ИСИС од една, Курдите и американско-британски сили во Сирија од друга страна постигнале таен договор кој им дозволил на стотици терористи на ИСИС заедно со своите семејства и оружје да избегаат од Рака. Конвојот испратен под закрила од западните сојузници во Сирија, вклучувал и некои од најозлогласените членови на ИСИС, плус десетици странски борци на џихадистите, објавува Бибиси.
За спроведување на преселбата ангажирани се повеќе возачи на камиони кои за време на целата војна претежно тераат тури низ северна Сирија. Првично од СДФ (коалиција на арапски и курдски борци против ИСИС) им е кажано дека ќе треба да пренесат стотици семејства од градот Тебка (околу 50 километри оддалечен од Рака) во еден од бегалските кампови на север, работа од максимум 6 часа.
Кога на 12-ти октомври се собира конвојот, тие сфаќаат дека планот е сосема поинаков, и дека наместо првично договорената пратка, ќе треба да товарат џихадисти од ИСИС, нивните семејства и тони оружје и муниција. Камионџиите за ангажманот ќе добијат илјадници долари, ама мора да молчат за истото.
„Договорот да им се дозволи на борците на ИСИС да избегаат од Рака - де факто главниот град на самопрогласениот калифат - е постигнат од локалните функционери. Тој доаѓа по речиси 4-месечни борби кои го оставаат градот разурнат и речиси без луѓе. Со ова ќе се помилуваат животи и ќе се стави крај на борбите. Животите на арапските, курдски и други борци против ИСИС ќе бидат поштедени.
Меѓутоа во исто време овозможи стотици борци на ИСИС да избегаат од градот. Во тоа време, ниту американско-британската коалиција, ниту СДФ, кои тие ги поддржуваа, не сакаа да го признаат своето учество.
Дали договорот, кој беше валканата тајна на Рака, создаде закана за надворешниот свет - која им овозможи на милитантите да се распостелат насекаде низ Сирија и пошироко?
Направени се огромни напори ова да се сокрие од светот. Меѓутоа Бибиси зборуваше со дузини луѓе кои или беа во конвојот, или го следеа, како и луѓе кои го преговараа договорот“, пишуваат Квентин Сомервил и Раим Далати во текстот за Бибиси.
Новинарите на Бибиси успеваат да стигнат до приказната и возачите вклучени во неа, веројатно затоа што истите уште не се платени за подвигот што го извеле. Освен што наместо ветените 6 часа, целата преселба трае 3 дена, камионџиите се жалат на сериозни оштетувања на камионите (расипан мотор, скршени осовини) кои и понатаму не можат да ги поправат.
Камионџиите, предводени од извесен Абу Фавзи, го прават клучниот подвиг во целиот договор, откако решаваат дека сами, без придружба од СДФ, ќе влезат во Рака на територија на ИСИС и ќе ги товарат борците. Меѓу оправданите стравови на превозниците во моментот се: што ако ИСИС пука на нас кога влегуваме, што ако СДФ пука на нас кога излегуваме, што ако Американците и Британците одлучат да нè рокнат и да си ги решат проблемите во еден потег, што ако Русите нè намирисаат и се истурат на нас, што ако војската на Асад нè дознае и уште безброј други сосема легитимни изводливи варијанти во кои ниту тие ниту товарот не излегува жив.
„Бевме преплашени уште од моментот кога влеговме во Рака. Требаше да влегуваме со СДФ, ама нè испратија сами. Само што влеговме, ги видовме борците на ИСИС со оружје во рака и со ставени самоубиствени појаси.
Тие ставија експлозиви и на нашите камиони. Ако нешто не оди според договореното, да го кренат во воздух цел конвој. Дури и нивните жени и деца имаа појаси бомби“, раскажува Фавзи.
Пред тргањето на конвојот, СДФ, предводена од Курдите, ја чисти Рака од медиуми, а во јавноста СДФ објавува само дека неколку десетици борци на ИСИС го напуштаат градот, и сите од нив се локалци.
https://off.net.mk/files/statija/2017/11/14/raka.mp4
(Снимка од конвојот како ја напушта Рака)
Наспроти соопштенијата на СДФ се сосема спротивните сведоштва на возачите кои учествуваат во конвојот.
„Пренесовме околу 4.000 луѓе вклучувајќи жени и деца - мешано со наши возила и нивни возила. Кога влеговме во Рака, мислевме дека треба да собереме 200 луѓе. Само јас во моето возило пренесов 112“, изјавува еден од возачите.
Друг возач изјавува дека конвојот бил долг околу 6 до 7 километри, и бил составен од речиси 50 камиони, 13 автобуси и над 100 возила во сопственост на ИСИС. Според нив, дел од џихадистите воопшто не се ни криеле туку се возеле на кровот на некои од возилата.
И покрај договорот дека може да земат само лично оружје,
„борците на ИСИС го земаа сето оружје што можат да го носат“. 10 од камионите се товарени само со оружје и муниција,
„ова не беше евакуација, ова беше егзодус на таканаречената Исламска држава“.
Во разговорот со новинарите, возачите почнуваат да им ги покажуваат раните што им биле направени од борците на ИСИС додека се обидувале да ги однесат на сигурно.
„Еден од пријателите на Абу Фавзи ги завитка ракавите на кошулата, под нив имаше изгореници.“
Според Фавзи, со секој возач имало тројца или четворица странски борци. За време на патувањето тие ги тепаат и навредуваат возачите нарекувајќи ги ’неверници’ и ’свињи’.
„Тие може им помагаа на борците да избегаат, но арапските возачи беа малтретирани по цел пат. И им се закануваа.“
Фавзи објаснува:
„Беа дрски и не им беше гајле. Ние им бевме криви што ги избркаа од Рака“, го пренесува текстот на Бибиси сведоштвото на возачите.
Без разлика дали на камионџиите или во попатните продавници во кои застанал конвојот, борците на ИСИС речиси не изоставуваат да ги предупредат луѓето дека треба да внимаваат што прават бидејќи ИСИС планира да се врати по некое време.
Една од ретките договорени работи што е испочитувана е дека на конвојот не смее да има ниту едно знаме на ИСИС. Една од многуте работи кои не беа испочитувани, е дека странските џихадисти нема да смеат да се качат на конвојот.
Камионџиите тврдат дека во конвојот имало џихадисти од Франција, Турција, Азербејџан, Пакистан, Јемен, Саудиска Арабија, Кина, Тунис, Египет и други места. Портпаролот на западната коалиција, под притисок од истрагата на Бибиси, признава дека преселбата се случила, меѓутоа во неговата пресметка има само 4 странски борци, кои веќе се уапсени.
Портпаролот Рајан Дилон признава и дека за време на преговорите меѓу ИСИС и СДФ присуствувале и офицери од Западот, меѓутоа „не учествувале активно“ во дискусијата.
Сведоштвата на камионџиите и населението кое живее покрај рутата по која се евакуирани џихадистите е дека конвојот бил следен од американски авиони, кои на клучни места исфрлале светлечки ракети за да ги наведат камионите на патот по кој треба да возат. Од коалицијата потврдуваат само дел од ова, и според нив точно е само тоа дека тие го мониторирале конвојот од воздух.
Крајната точка на конвојот е село меѓу Маркда и Ал Сувар, каде камионџиите го истоварат товарот и се враќаат кај СДФ.
„Им ја покажавме локацијата на мапа, а тој ја обележа за чичко Трамп да може подоцна да ја бомбардира“,
изјавува Ал Фавзи.