Јадам гаден вирус. Веќе недела дена сме во врска. Тотално ме напали. На скалата за напаленост котирам меѓу 38 и 39 степени Целзиусови. Толку ме возбудува сексот со вирусов што моето гласно воздивнување некои го именуваат како „се корне од кашлање“. Ај што јас горам однатре, ама и климава се разболе. Температура крена. Ќе почнат кокичиња да цветаат. Ми доаѓа да му акнам еден парацетамол на времево, да му симнам температура.
Русјаков, дај не сери човече, баш нè заболе дали си ти болен или умоболен, избори имавме, виде ли што се случи, крикна јавноста.
Простете на неиздржливост или кукавичлук, ако така сакате, ама 2016 година ми беше заебан политички овердоуз. Особено деновите наречени 24 април, 5 јуни и 11 декември. Заради тоа прописно ги преспав настаните пред, за време и по 15 октомври, 2017 година. Резултатите ги знам, иако ни накрај памет не ми падна да фатам да анализирам што, како и зошто дошло до ваков скор. Можам само да им честитам на победниците. Народот е во право, дури и кога е во право. Проблемот кај нас е што со години немаме избори, туку подготовки за војна. Сосе странските „миротворци“, кои ни висат над глава, не за да ни помогнат околу демократијата, туку да ни ја обликуваат свеста спрема нивни геополитички стратегиски цели.
Како и да е, СДСМ растурија, ВМРО-ДПМНЕ го изедоа, а јас им честитам на победниците, односно луѓето што гласаа за нив. Да бевме нормална држава пред избори ќе нè интересираше кој што нуди, по избори ќе си честитавме, ќе си посакавме среќа и ќе продолжевме да си го свиркаме животот секој на свој начин, а до наредниот гласачки циклус ќе компариравме кој што направил и кој е подобар. Ама ние не сме нормална држава, туку ненормален протекторат. Во секое предизборие исплашено гледаме и слушаме која од двете најголеми партии повеќе ќе им се додвори и лигави на Вашингтон и на Брисел, а по избори панично чекаме да видиме какви отстапки од националните интереси им ветил победникот на странците. Затоа, искрено да ви кажам сеедно ми е што победи СДСМ, ама уште поискрено сум во паничен страв, оти веќе се гледа на каде фатија со националните прашања, кои половина моќен свет сака да ни ги затвори на наша штета. Особено е алармантно загрижувачка работата на вмроовскиот министер за надворешни работи во сдсмовската влада.
Човекот за кој поранешното СДСМ ни тврдеше дека бугарштината му е семејна, вмроовска традиција, се расфрла со изјави пред Грците од кои на човек му се крева горчина во желудникот. Е тоа мене ме паничи, оти сме ненормален протекторат, подготвен да стане идентитетски обезличен протекторат.
И сега? Сега победниците ќе го слават она што десет години го сонувале, нивните поддржувачи ќе фаќаат сеир што е сосем нормално, новоизбраните градоначалници се надевам ќе се обидат да го спроведат она што го ветуваа, а лажниот граѓански сектор сега напикан по владини кабинети што ја засади, негуваше и растеше омразата спрема оние со различно политичко убедување сега повторно нема да сфати дека нивната некреативност не може да се поправи со промена на власт и грантови од УСАИД. Од друга страна, поразените по десетгодишно победување ќе се прашуваат каде им отидоа гласовите, ќе анализираат како дојде до ова, веројатно ќе бараат дали имало местенки, може и да падне некоја оставка што е здраво и нормално.
Во меѓувреме, поделеноста меѓу Македонците ќе си остане иста, Албанците обединети, без разлика на политичката припадност, ќе си ја тераат својата национална агенда и ние тоа никогаш нема да го научиме од нив, слушам, неколкумина јавно говорат дека ќе има силен реваншизам и затворање неистомисленици што се надевам ќе излезе неточна информација, медиумите вообичаено ќе продолжат со производство на квалитетно сончогледово масло, зима ќе дојде, а по неа и пролет сосе кокичиња и штркови, сѐ до следниот избирачки циклус кога со сизифовска точност, одново ќе почнат подготовките за војна наместо за избори. Само јас испаничен, ќе останам со идентична болка што ја носам сиве овие години откако станав свесен за нацизмот надвиснат над Македонија, а тоа е, дали моите политичари, ќе направат еден ден да се разбудам без име и идентитет само затоа што така им диктирал некој отстрана и одозгора.
Во едно друго меѓувреме, благодарам за незаинтересираност, последниве месец и половина се повлеков во себе, како што правам еднаш годишно, за да напишам книга. Реално, напишав еден драмски текст по нарачка и две книги, но ќе се задржам на онаа што е подготвена за издавање. Се вика „Егосурфер“. Збирка научнофантастични, сајбер-панк и хорор раскази, сите до еден помалку или повеќе се занимаваат со војна против душата и свеста, апсење и укинување на фантазијата. Егосурфер, Содом и Гомор, Тврдината, Секс, дрога и Владимир Путин, Шекспир во летната ноќ се некои од насловите на расказите. Ја подготвував за државниот конкурс, ама одлучив да не ја конкурирам. Не затоа што некој ми рече дека тоа е залудно, туку затоа што Министерството за култура ги намали бројот на книгите со кои можат да конкурираат издавачките куќи, од 25 на 10. Земајќи предвид дека големи се шансите да не поминам поради тоа што сум, одлучив да му олеснам на својот издавач и да се повлечам, затоа што и онака сега си има мака со тоа од кои книги што ги планирал да се откаже. Но не сум јас тука важен, туку издавачите. Особено оние малите што не штанцаат аеродромска литература, туку се држат до нови домашни автори и квалитетна светска книжевност што досега не била објавувана кај нас. Ова е голем удар за нив, зашто Македонија е мала земја, смешен пазар, а и како во светот, вистински љубители на книжевноста има малку. Пред неколку месеци бев во Белград и посведочив дека голем број издавачки куќи и книжарници веќе не постојат.
Не сакам тоа да се случи кај нас. Но, јас реков, како и со претходните на власт, така и со овие, ќе си се држам до она што ме навлече на политика, а тоа е можниот идентитетски геноцид што ни виси над главата, нема да се пенавам за економија, здравство, образование и култура, па, така, ова нека остане како една моја грижа, дека со оваа одлука, може да му се наштети на издаваштвото, а некои издавачки куќи се во опасност да згаснат. Нека не дојде до тоа, барем заради нас, малкуте вистински љубители на книжевноста.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetail?title=Не-стигнав-да-смислам-наслов&id=caa09a1b-a7b6-4a26-9d2a-90ab69c78a6b