Макартизам од 21 век
На 9 февруари 1950 година, сенаторот од државата Висконсин, Джозеф Макарти изјави дека во американскиот Стејт департмент насекаде се комунисти. Ова, како што се чинеше смешно тврдење, беше појдовна точка на една од најмрачните појави во американската политичка историја – макартизмот или „ловот на вештерки“. Под паролата „борба за вистинската демократија“ и „исчистување на САД од комунистичката гнасност“, макартистите спроведоа масовни репресии против тие што мислат поинаку, особено против русофилски расположени граѓани. За предавство се обвинуваа сите што даваа барем мал повод да бидат осомничени за симпатии кон СССР, кон рускиот народ кој уште неодамна беше сојузник на САД во Втората светската војна и по цена на повеќемилионски жртви, даде решавачки придонес за победата над фашизмот. Кампањата на Макарти доведе до уништување на синдикатите, масовни отпуштања во јавната администрација, хајка и натамошно иселување од земјата на истакнатите научници и уметници. Меѓу нив беа Чарли Чаплин, Алберт Ајнштајн, композиторот Леонард Бернштајн, создавачот на американската нуклеарна бомба, Роберт Опенхајмер.
Анализирајќи ја денешната антируска хистерија во САД и во Западна Европа се наметнуваат паралели токму со макартизмот. Сличностите се очигледни. Под изговор на борбата – какво совпаѓање! – против „закана од Истокот“ општеството се заплашува, врз истото специјални служби воспоставуваат бескрупулозна контрола, му се наметнува строга матрица на политичка коректност и отстапување од истата е недозволиво. Новинари, политичари, општествени дејци кои се стремат да добијат објективна информација слободна од фингирање, лажни вести и „двојни стандарди“, и со тоа отстапуваат од медиумскиот мејнстрим, се запишуваат во „гласноговорници на руската пропаганда“ и како резултат на тоа се подложуваат на прогони и опструкции. Истата судбина ги чека и тие ретки западни лидери кои се обидуваат барем да спомнат нешто за правото нивните држави да имаат самостоен развој и да спроведуваат независна внатрешна и надворешна политика.
Во тие години за лудата дејност на Макарти, која се одвиваше во условите на натпреварот меѓу двете суперсили, СССР и САД, меѓу двата најголеми политички, економски и идеолошки блока, социјалистички и капиталистички, постоело едно оправдување, а тоа била некоја „комунистичка закана“ која доаѓала од Советскиот Сојуз. Денес, кога како што се чини „студената војна“ е минато, со што се раководат наследниците на сенаторот Макарти, заплашувајќи ги со Русија сите и сè?
Да почнеме од тоа дека денес САД, отворено прогласувајќи ја својата исклучителност, се обидуваат да стигнат до безусловно политичко, економско, информативно владеење на глобално ниво. Меѓународното право, демократските вредности и институции, националните суверенитет и независност, можноста на народите сами да одлучуваат за својата судбина – сето тоа се жртвува за „молох“ на новиот модел на тоталитарно општество, кој во моментов се формира на Западот. На оваа цел ѝ служи и моќната пропаганда која не е наменета за разум, туку за емоции, а нејзината лажна природа му боде очи на секој човек кој барем малку размислува, како и жестоката цензура и воспоставување контрола врз информативен простор и засилување на воената хистерија. И, се разбира, врвна точка е системот на целосно шпионирање луѓе низ целиот свет, кој е остварување на најмрачните антиутопии.
Уште не се смири резонансот од обвинувањата на Едвард Сноуден, а човештвото стана сведок на уште едно сензационално разобличување чиешто вистинско значење уште претстои да се процени. Во март 2017 година, на веб-страницата на „Викиликс“ беа објавени неколку илјади документи коишто се една „медиумска супербомба“. Станува збор за уникатни шпионски технологии на ЦИА на САД кои овозможуваат шпионирање и кибернапади преку смартфони, месинџери, компјутерски софтвер, па дури и телевизори. Тоа значи дека милијарди луѓе низ целиот свет веќе се под постојана контрола на „големиот брат“, неприкосновеноста на нивните права и слободи останаа само на хартија.
Политичките елити кои сега владеат на Западот сметаат дека изградбата на тоталитарното општество е клуч за зачувување и проширување на нивното влијание на планетарно ниво, што им овозможува да добиваат нови политички и економски придобивки. Очигледно е дека тоа не може да се направи без отапување на населението во своите земји и воедно без жестока неограничена ниту со правни, ниту со морални рамки неоколонијална експанзија надвор од „западната“ метропола. Пред два века оваа експанзија се вршела со груба воена сила, а денес се применуваат по врвни технологии на „обоени револуции“, политички притисоци, шпионажа и пропаганда, кои беа тестирани во Југославија, Ирак, Либија, Украина, Сирија и во повеќето други земји. Задолжителен инструмент на контролата врз личноста во тоталитарното општество е креирање на заеднички непријател.
Кандидатура за оваа улога не се бараше долго, во употреба беше пуштена проверената со векови „руска закана“. Денес Русија е една од малкуте земји кои отворено се залагаат за реализација не само на зборови туку и на дело, на принципите на владеење на меѓународното право, на демократските вредности, човековите слободи, она што сите се навикнаа да го сметаат за атрибути на современата цивилизација. Русија крева глас против диктатот на политичките елити на Брисел и на Вашингтон, кои во Русите гледаат последна пречка на нивниот пат кон севласта и светското владеење. Се разбира, не станува збор за фер и отворен натпревар на идеите и вредностите, неомакартисти односно денешните русофоби и „копачи во валкани работи“ разбираат дека во оваа конкуренција несомнено ќе изгубат. Одовде потекнува нивниот копнеж да ја казнат Русија, да ја обвинат буквално за сите проблеми во светот – за украинската и за сириската криза, за нестабилноста во земјите од Балканскиот регион, за губење доверба на гласачите од страна на политичките лидери во западните земји, за кибернапади и за другото.
Како и во тие времиња, факти кои би докажувале постоење на „руската закана“ не се наведени, па дури никој и не смета дека нешто треба да се докажува. На пример, во март оваа година, министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, отворено призна дека „немаме докази дека Русите навистина се обидуваат да ги поткопаат нашите демократски процеси... Но за нас е доволно дека Русија ги поседува таквите можности“. Со други зборови, Русија не е виновна дека наводно се меша во изборите во европски земји и во САД, туку дека хипотетички има на располагање некои сили и средства кои можат да бидат употребени со таа цел. Русија е виновна поради самиот факт на своето постоење, поради нејзиниот сопствен светоглед, како и силна армија, современи технологии, суверена надворешна и внатрешна политика, меѓународен углед, огромна територија и ресурси.
Па дури и самото дипломатско и културно присуство на Русија, западната пропаганда и тие кои ја услужуваат го толкуваат како фактор на дестабилизација и директно мешање во внатрешната политика на другите држави. Пред некој ден, благодарение на извештајот на таканаречениот Центар за истражување на организиран криминал и корупција, спонзориран од американски државни фондови и од Џорџ Сорос, граѓаните на Македониј имаа можноста да се убедат дека таквиот параноичен делириум станува реалност. Искрено, тешко е да се замисли како изгледа таа „субверзивна активност“ која може да ја извршуваат „Рускиот центар“ при УКиМ, друштвата за македонско-руско пријателство, зошто за Македонија е штетно во Лешочкиот манастир да се изгради еден Меморијален крст во спомен на руските монаси или со пари на македонски бизнисмени да се реновира Милениумски крст на Водно. На почитуваните новинари од Центарот им предлагаме да не застануваат, и во своите наредни таканаречени „истражувања“ – мислиме дека такви ќе има уште многу – за инструмент на „пропагандата на Кремљ“ и закана за Македонија да ги прогласат цртаниот „Маша и медо“, како тоа го направија литванските и естонските пратеници, или победата во европската лига на шампиони на РК Вардар, чиј сопственик е руски претприемач и почесен конзул на Русија во Битола, Сергеј Самсоненко.
Русофобската хистерија во Европа и во САД може да се спореди само со пропагандата на антисемитизмот во првата половина на дваесеттиот век. Како што пред еден век се обидуваа за сè да ги обвинуваат Евреите, така и сега се стремат за сè да ги обвинат Русите. Со што тогаш сето тоа заврши добро е познато – се појавија Хитлер, фашизмот, холокаустот, беа уништени повеќе од 6 милиони Евреи, а исто така уште 50 милиони луѓе загинаа во времето на Втората светска војна. Русија, која ги преживеа инвазиите на Наполеон, на англо-француските трупи во времето на Кримската војна, како и на хитлеровите орди, и која за време на сите тие авантури на Западот загуби десетици милиони луѓе, многу добро знае каде води оваа луда русофобија.
Но и сите напори на неомакартистите, како и нивните заплашувања со Русија и на Русија, нема да нè натераат да тргнеме од избраниот пат. Принципите на меѓународните односи кои ги брани Русија се совпаѓаат со мислењето и очекувањата на луѓето во целиот свет. На тие западни политичари, воени лица, дипломати, општествени активисти и новинари, коишто ѝ подлегнаа на русофобската пропаганда и искрено го прифатија митот за „руската закана,“ искрено им посакуваме да не ја повторат судбината на идеолошкиот претходник на сенаторот Макарти, министер за одбрана на САД (1947-1949 година), Џејмс Форестол.
Како што е познато, овој озлогласен политичар на кој насекаде му се причинувала „руската закана“, се разболел од акутна психоза и во параноичен делириум без прекин повторувал „Русите доаѓаат, Русите доаѓаат. Тие се насекаде“. На крајот, со овие зборови тој скокнал од прозорецот на психијатриска болница.
(Авторот е вонреден и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија)
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetail?title=&id=74638f0c-0f4d-4116-877d-2c3ac71a6a15