И во бившата држава вриеше од „комунисти“ (напишано у наводници) - лигуши, опортунисти, идеолошки тотално неповрзани. Тие денес би биле „комуњари“, вчера „вморони“....еве еден текст кој ја потврдува оваа теорија. Тука, во оваа проклета земја, уствари да си со напредни сфаќања, критичен кон власта, слободоумен и малку покреативен во размислувањата веднаш си анатемисан како шугав, отпадник, предавник, кодош од разноразни вол(к)ови и затуцана раја. Не го знаев податоков за Ненад Стојановски и ако го ценев како глумец, сега уште повеќе го ценам како уметник. Нашата „конзерва“ едноставно кажано е средновековна, до бескрај затуцана...вчера имаше еден феноменален линк за целосното помрачување на Сонцето во 1999-та година и како тоа догматски, пештерски, глупаво (ignorant е англискиот збор) беше доживеано на овие простори - е тоа сме ние.
http://www.plusinfo.mk/mislenje/3194/prilog-kon-interpelacijata-na-alagjozovski
Прилог кон интерпелацијата на Алаѓозовски
Настанот се случува во август 1971 година. Бев ангажиран како преведувач при посетата на Џанкарло Пајета на Македонија како гостин на Сојузот на комунистите на Југославија и Македонија. За оние кои не чуле, Пајета беше историска личност во врвот на Комунистичката партија на Италија, партизан, интелектуалец, новинар, писател... Сè на сè, еминентна, уникатна и над сè прогресивна политичка фигура, ценета во светот заради своите напредни идеи и заложби.
Додека тој престојуваше во Охрид, во „Света Софија“ се случи оној познат скандал од претставата на Свети Никита Голтарот, кога покојниот артист Ненад Стојановски се соблече гол. (Скандалот не му попречи да стане еден од најголемите македонски артисти.) Тоа добронамерните и прогресивни луѓе го сфатија како своевиден театарски израз, како протест, некои како политичка провокација или како сè не се толкуваше тогаш. А за тоа е доста пишувано.
Утредента домаќините на Пајета (сите високи и највисоки функционери на македонската комунистичка партија) на вечерата со него зборуваа и за претставата, се згрозуваа од чинот, говореа дека пукнал голем резил, срам ги изел, дека „Света Софија“ е опоганета и треба да се преосвети...
Пајета ги слушаше највнимателно, јас највнимателно преведував. Откако ги ислуша нивните ламентации за големиот срам и кога му стана јасно дека се работи за нешто повеќе од испад, само им кажа: „Другари (камаради) мои, јас ќе бев најсреќниот човек такво нешто да се случеше во „Свети Петар“ во Рим!“
А јас се прашувам- каде сме стасале ние после половина век?