Во годиниве наназад во Скопје, се затворија и отворија многу кафани/ресторани - некои стари кафани пропаднаа бидејќи не можеа да се прилагодат на новите времиња и новите генерации, многу од новоотворените фукционираа кратко, а некои од новоотворените прераснуваат во сериозни кафани. Кога велам сериозни, мислам на тоа дека си ја сфатиле професионално работата и се трудат да испорачаат квалитетна храна и услуга, за разлика од повеќето кои мислат дека угостителството може да трпи импровизации. За сериозна кафана не мора да биде голема и фенси.
Низ годиниве наназад, сум бил речиси во секоја кафана во Скопјево. Во некои сум отишол еднаш и никогаш повеќе, во некои на периоди, во некои често, а некои им се залепиле за срце. Во некои одам кога сакам да се расположам, во некои одам да уживам во мир и добра храна, во некои на формални ручеци/вечери, а некои за прослави.
Во постов, ќе се обидам да направам мини рецензија на поактуелните кафани во моментов, која верувам ќе им биде корисна на многумина и ќе им помогне да изберат добра кафана или да избегнат лоша кафана, базирано на моите искуства.
Одлични кафани
Ќе започнам од кафаната која веќе една година ми е фаворит и во која одам најчесто - Скара Бар во Тафталиџе. Ако ги оценувам изборот на јадења, како се подготвени јадењата и каков вкус имаат, услугата и професионалноста на персоналот, кафанава дефинитивно ја ставам на прво место во моментов. Професионалци (поздрав до Зоки и екипа). До сега, немало промена во квалитет на јадењата или на услугата, што е чест проблем во кафани низ Скопје. Соодветна е и за вечерни излегувања, и за деловни ручеци/вечери и за прослави. Навечер има жива музика, чалгии, староградски, без сељачење. Препорачувам да ги пробате печењата: прасечко и јагнешко. Не е евтина, но не е и скапа, што значи цените се нормални и вреди за сите пари. Терасата е голема, а ако сте пушач како мене и не можете да си замислите кафана без цигара, одлично е што терасата е затворена и топла во зима, па ќе пушите во пријатен амбиент без да мрзнете. Доколку планирате да одите навечер, резервирајте задолжително, реткост е да се најде слободна маса. За преку ден, најчесто има слободни маси, но најсигурно е да си резервирате.
Дукат во Капиштец би ја рангирал на второ место на листава, а оваа кафана би ја рангирал убедливо на прво место за чорба во Скопје. Ја посетувам често, но помалку од Скара Бар. Ако сте љубители на чорба, задолжително тркнете на пауза и пробајте телешка или рибја чорба. Одлични јадења, мезиња, персоналот се професионалци и најчесто услугата е одлична, но некогаш знаат да потфрлат во организација кога е полна кафаната, па има недостаток на персонал на толку гости, и можно е некогаш да се напнете. За среќа, ретко. Навечер има чалгии и староградски, без сељачење. Соодветна е за вечерни излегувања, деловни ручеци/вечери, прослави. За навечер, задолжително резервирајте си, бидејќи секогаш е полна. Не е евтина, но не би ја рангирал ни во скапи кафани, бидејќи тоа што го плаќаш вреди за парите.
Дојрана спаѓа во постари кафани кои успеале да опстанат со години затоа што се професионалци. Одлични јадења и услуга, одлични печења. Не е евтина, не е ни скапа. Вреди за парите. Малку е поформална, али совршена за деловен ручек. Ме нервира само тој првиот дел на влезот кај што сркаат сите чорби и некако ми расипува генерален впечаток за кафаната. Не одам толку често во последно време, па не знам дали е полна навечер и дали треба резервација.
Фурна има добра храна и услуга, ама не како погорниве, а ценовно е поскапа од нив. Не ја посетувам често, понекогаш на деловни ручеци/вечери.
Добри гостилници
ДМ во Дебар Маало веројатно ја знаете сите. Не е од рангот на погорниве, мала гостилница, а тоа што ме фасцинира кај оваа гостилница е тоа што откако ја памтам: a) работи истиот персонал (поздрав до Мани и екипа) и б) храната секогаш е иста, непроменета и одлична. Задолжително пробајте шарска. Летно време одам почесто, зимно време поратко пошто не ми се мрзне за цигара надвор. Цените се таман. Некои не ја сакаат демек дека терасата одма до улица и коли, ама мене баш тоа ми има некој дебармаалски шмек. Еј, и ова: ретка дебармаалска кафана со одлична храна и услуга. Другиве дебармаалски кафани имаат среќа што се во Дебар Маало, пошто со таква храна и услуга да се на друго место, ретко кој би седнал втор пат. Резервации обавезно и преку ден и навечер, ретко се наоѓа слободна маса.
Старо Буре во Лептокарија има добра храна, добра услуга и некако прилично евтини сметките ми се чинат секогаш. Нема свирачи. Океј и за преку ден и за навечер со друштво. Не е соодветна за деловни ручеци/вечери и формални средби, повеќе за со друштво, онака за запивање, мезење и кезење.
Чамо во Дебар Маало е место кое или ти има некој посебен шмек или - не го можеш. Прво, затоа што е застанато во времето децении откако е отворено и е како да си му отишол на некого дома на гости во осумдесеттите, а второ поради мезињата кои можеш да ги најдеш таму и не можеш на други места, но и храната која не можеш да ја најдеш таму, а можеш по сите други кафани (ова некогаш нервира). Сепак, местото си има енергија на уникат. Не го посетувам често, неколку пати годишно, а никогаш немаме утврдено дали цените се евтини или не бидејќи секогаш сме стигнувале до состојба на нерационално размислување. Има нешто во местото.
Кафани за „лумпување"
Океј, некогаш сите имаме моменти кога понекогаш сакаме да отидеме во кафана од типот кафана (ако ме сфаќате што мислам). Ако ти е за кафана од типот кај што рока жива музика, сите се станати на нозе, да е гужва, тогаш оди во Ветер и Магла. И покрај целиот тој хаос од атмосфера тип свадба, за ваков тип на кафана храната и услугата се океј (иако многумина ја хејтатат). Четврток вечер е денот за да се биде тука. Минус е што не можеш да платиш со картица, because cash is the king here. Резервации задолжително и тоа 3-4 дена однапред и потоа им се јавуваш пак на денот да ги потсетиш пошто може да им се случи пропуст.
Сокаче е за лумпување, посебно после работа во четвртоци. Храната некогаш знае да е океј, некогаш знае да е ужас, исто како и услугата. Резервации обавезно. Порано одев почесто, во последно време ја избегнувам. Ми се одмили некако. Не сакам кафани кога еднаш тоа што го нарачуваш е океј, а нареден пат не го бива. Или кога еднаш услугата е океј, а нареден пат те напнува.
Кафани кои ги избегнувам
Баба Цана на Водно, никаква храна и екстремно лоша услуга. Сум бил два пати, првиот пат беше лошо, вториот пат беше уште полошо. Нема да отидам никогаш повеќе.
Ганза во Дебар Маало ми имаше некој шмек со години, посебно кога ќе ми седнеше чичко Тули со гитарчето на маса, иако никогаш не се истакнувала со квалитетна храна и квалитетна услуга. Па храната и услугата стигнаа до ниво на ужас никогаш повеќе да не им стапнеш. Се зареков дека нема повеќе да влезам и немам влезено цела година.
Канцеларија во Дебар Маало исто ужасна храна и услуга.
Кај Перо во Дебар Маало - одев неколку години, ама после ја измелезија храната и стана ко сите јадења да се без вкус. Услугата и цените се океј, ама ако си веќе во Дебар Маало попаметно е да седнеш кај што има подобра храна и подобра услуга, односно во ДМ.
Куќа позади паркингот кај Дрводекор беше интересна пред 7-8 години, после стана ужас. Седнав пред некое време да видам дали после толку време нешто се променило, ама станало уште поголем ужас. Никогаш повеќе нема да влезам.
Фиш кај Злокуќани - беше интересно место кога се отвори, но ужасна услуга. Шкртнато засекогаш.
Има уште многу да се пишува. Ќе дополнам кога ќе имам време. Се надевам дека ќе ви биде од корист.