Како функционира едно злосторничко здружение?
Повеќе светски авторитети, но и меѓународни конвенции тоа го опишуваат како група од три или повеќе лица, кои меѓусебно се поврзани со цврсти врски кои извираат од заедничкиот интерес за профит, впрочем, многу често тоа се и семејни врски, па затоа повеќето вакви здруженија се карактеризираат како мафиозни фамилии или семејства. :
Потребно е да се истакне дека овие здруженија се формираат за да извршат нелегални работи кои носат високи профити од типот на недозволени трговии, или пак, како во нашиот случај, на противзаконски начин да овозможат придобивка на високи профити преку масовно оштетување на државниот буџет. Имено, Македонија не е некоја земја позната по производство и продажба на наркотични супстанции или било какви други производи од кои може многу да се профитира. Затоа, тоа што останува е крадењето на државниот буџет како главна цел на нашите злосторнички здруженија.
Друга работа која треба да се има предвид се двата најважни закони внатре во злосторничкото здружение:
Omerta или законот на тишината, според кој сите членови на здружението се должни да молчат за тоа што таму се случува бидејќи во спротивност настапува вториот закон:
Vendetta или законот на одмаздата, според кој здружението автоматски го ликвидира лицето кое се осмелило да го прекрши првиот закон преку воспоставување комуникација со органите кои го гонат здружението или прифатил да биде нивен сведок или соработник. Тие лица едноставно се (само)убиваат.
Интересно е да се анализира пирамидата прикажана погоре. Особено е важен долниот слој на пирамидата, таканаречените соработници. Имено, во класичен пример злосторничкото здружување е предводено од шефот на фамилијата кој користи совети од еден или повеќе советници и одлучува за главните работи на здружението. Неговиот заменик како негов најблизок соработник(вообичаено близок семеен член) ги спроведува одлуките донесени од шефот преку координирање на работата на командирите (кои во криминолошката терминологија се викаат капорежими) кои имаат командуваат со одреден број лица, секој во неговата област, кои пак лица се таканаречените војници или “мускули”, односно тоа се тие кои ги вршат валканите работи за здружението во согласност со наредбите на шефот.
А темелот на пирамидата се соработниците: тоа се лица од таканаречениот криминалитет на бели јаки, односно државни функционери кои учествуваат во профитот на здружението и ги бранат нејзините интереси, како на пример:
пратеници и коалициони партнери кои овозможуваат усвојување на закони во полза на здружението,
уставни судии кои овозможуваат противзаконско помилување на членовите на здружението, корумпирани
полицајци кои замижуваат пред кривичните дела на здружението,
јавни обвинители кои доколку пред нив се појавува случај поврзан со здружението се грижат истиот никогаш да не напредува и го затвараат или уништуваат,
судии кои доколку некој случај од здружението успева да стигне пред нив се грижат или да го прогласат обвинетиот за невин или пак да го казнат со најблага казна.
Ако повторно ја гледаме шемата, многу јасно можеме да ги идентификуваме улогите кои се очигледни: Шефот на владејачката партија воедно и поранешен премиери најважно лице кој ги носни најважните одлуки според советите на своите најблиски советници (неговата десна рака, шефот на неговиот кабинет овластен за односи со јавноста, но и други советници кои јавноста не ги знае) се разбира дека е на чело на самото здружение. Неговиот братучед е во улогата на заменик-шеф, поранешен директор на УБК, најважен сектор во следењето на работата на организацијата воедно и претставува важен координатор на процесот на спроведувањето на одлуките на шефот, како и главен човек кој одлучува за лицата кои ќе работат во сите сектори важни за беспрекорната работа на здружението.
Командири или капорежими се лицата кои во функција на министри во владата кои ги претвориле министерствата со кои раководат во командни единици на партијата (како што тоа го слушнавме со свои уши од поранешната министерка за внатрешни работи: “ВМРО-МВРО”) и кои управуваат со партиските војници кои непосредно ги извршуваат директните наредби на шефот за “лепење шамари” пред камери, фрлање луѓе во “ендек” и други валкани работи. Кај соработниците, ги гледаме сите тие полицајци, обвинители, судии, пратеници, коалициони партнери, шеф на држава, и други носители на јавни функции кои биле поставени под директна наредба на шефот извршена од заменик-шефот а кои и се “наоѓаат” на здружението во тешките денови кога нив ги гони СЈО.
Ова претставува сосема различно и многу опасно ниво на навлегување на злосторничкото здружение длабоко внатре во самиот систем на државните институции при што мафијата се поистоветува со државата и останува на власт преку повеќе алатки: уценување на граѓаните и нивно врзување со работни места и други привилегии, целосна контрола на медиумите блиски на здружението, целосна контрола на економијата и бизнисот (преку проблематични постапувања во врска со тендерите, и сл.)и најважно од се: целосно парализирање на правото и правниот систем. Тоа и овозможува на здружението директно дауправува со сите институции со цел унапредување на своите цели и да профитира на големо преку злоупотреба на парите на граѓаните кои пари потоа ги инвестира воof-shore компании и други бизниси. Во такви услови, кога во една држава наместо да има мафија која се гони од државните институции, всушност самата мафијата има своја држава, илузорно е да се каже дека живееме во демократија, бидејќи вистинското име на тој систем е веќе воспоставено во светските трендови и се вика МАФИОКРАТИЈА!