Ја би сакал да разбијам неколку митови на темава кои сметам дека ќе им бидат од корист на идните генерации студенти.
1. Психологија е психотерапија/клиничка психологија.
Психотерапија и клиничка психологија се едни од дисциплините кои спаѓаат во психологијата, но не се единствени. Психологија е чадорче под кое стојат огромен број дисциплини, некои теориски, некои апликативни. Ако некој сака да биде терапевт, па и не знам колку факултетот ќе му го овозможи тоа имајќи го предвид фактот дека академијата не практицира психотерапија, а на факултетот има само еден предмет кој може да се нарече психотераписки. Да, дефинитивно ќе ти помогне со понатамошната неколкугодишна обука за терапевт која дебело ќе ја платиш (неколку илјади евра), но факултетот по дифолт не ти го нуди тоа.
2. Со психологија не се наоѓа работа.
Овој мислам дека е најраширениот мит за веќе погоре спомнатото чадорче, а не монолитна дисциплина.
Не се наоѓа работа со која психолошка дисциплина? Со клиничка тешко се наоѓа. Или како терапевт. Од неколку причини. На држава како Македонија не и се потребни повеќе од 2-300 клиничари, грото студенти се запишуваат со желба да бидат клинички психолози, па од тука, само 2-3 генерации студенти ја пополнуваат таа квота.
Дали се наоѓа работа како истражувачки методолог, социјален психолог во адвертајзинг, индустриски психолог во некоја поголема компанија, психометричар? О, да, само што повеќето студенти не обраќаат внимание на таквите предмети пошто они ја „разбираат“ човечката „психа“ и се родени да бидат терапевти.
3. Мене не ми треба статистика на психологија.
Психологија е квантитативна дисциплина, му се допаѓало некому тоа или не. Дали ќе работиш како истражувач или ќе бидеш практичар, потребно е да знаеш да читаш основни статистички постапки, бидејќи твоето изучување на психологијата трае цел живот, а не само во тие 4-5 години додека си на факултетот. Па и сите ние не стануваме писатели, а сепак добро е да знаеш да читаш и пишуваш, така?
Во последните 150 години, колку што постои психологијата како дисциплина која избегала од оковите на филозофијата, има доста бурна историја. Од психофизиката на Вунт, преку анализата на Фројд, до денешните неврокогнитивни правци. Влезете на факултетот со празен ум од предрасуди кои ви ги кажува околината, посветете му се максимално и евентуално закачете се за една дисциплина во која ќе специјализирате. Па ако бидете најдобри, дури и да биде крајно непрофитабилна, како на пример личносна или клиничка психологија, ќе можете да носите леб на маса.
Постот ќе го завршам со цитат од Абрахам Маслов, кој гласи вака:
'If you plan on being anything less than you are capable of being, you will probably be unhappy all the days of your life'.