Изгледав две епизоди од Damien. Серијата се надоврзува на 1,2 и 3 дел од Omen (т.е. Претскажување - и тоа надоврзување, меѓу другото, се прави и со преземање сцени од самите филмови, како флешбекови од минатото на главниот лик), кои се мошне добри хорори, и разбирливо, ги следи згодите и незгодите на Демијан, кој у ствари да ти бил антихрист, син на сатаната, дојден да ја пороби планетата. Тој дел од приказната, и по Omen 1-2-3, односно по оној недостоен римејк од 2006, некако ми беше нејасен во филмовите, па среќа е што серијата ми го разјасни.
Од она што го видов, серијата премногу се потпира на филмовите: чудни жени-сатанистки, загрижени попови и археолози, агресивни џукели и мистериозни несреќи. Сето тоа, наместо во филм или два, кои веќе се снимени, е растегнато во серија која изгледа нема нешто ново да понуди. Приказната е горе-долу иста, актерската екипа нема шанси со Грегори Пек и Вилијам Холден и другите.
А да, и Џери Голдсмит со прекрасната музика.
Бредли Џејмс, за некого познат како Артур од серијата Мерлин, не се снаоѓа баш најдобро како Демијан, ама затоа ротвајлерите се закон, иако ја би одел со питбули оти покажуваат неограничен ентузијазам за правење сцени потребни за вакви приказни. Посебно ако се соживеат со улогата. Тогаш ќе се соживеат и другите глумци и ете хорор класика.
Многу предвидливост е незгодна работа, а овде уште во првите десетина минути се прават прилично успешни претскажувања кој лик ќе оди курбан (и тоа на таков начин, кој заостанува зад креативните решенија во филмовите) а кој е сатанска кучка. Од старт знаеме кој, зошто и многу веројатно - како.
Непотребна, неоригинална серија, со просечна глума и исто такво сценарио. Не верувам дека приказната којзнае како ќе се развива натаму. Ова може да се гледа од љубопитност, ако некого ептен го интересира што направиле од оригиналот кој е многу подобар, или ако нема нешто друго за гледање или ако се нема попаметна работа.