Во светот на филмот ќе остане запаметен како создавач, кој инспирацијата ја бара во мистериите на наследството и светот на легендите и митовите на својата татковина, со што на Западот му ја отвори вратата во таинствената Јапонија. Век од раѓањето на Акира Куросава, единствена појава во историјата на светската кинематографија, се навршува годинава (2010, текстот е преземен од Нова Македонија,
линк). Куросава е роден на 23 март 1910 година, потомок е на самурајскиот род, а во светот на филмот ќе остане запаметен како создавач, кој инспирацијата ја бара во мистериите на наследството и светот на легендите и митовите на својата татковина, со што на Западот му ја отвори вратата во таинствената Јапонија.
Овој познат режисер, сценарист и продуцент се родил во предградието на Токио во офицерско семејство во кое од детството ги учел боречките вештини. Сепак, наместо наследната воена кариера одлучил да се посвети на уметноста. Во 1936 година победува на конкурс и е примен за помошник режисер во јапонското филмско студио во Тохо.
Седум години е асистент на режисерот Кадиро Јамамото пред да го сними својот прв самостоен филм „Сага за џудото“, според сопствено сценарио и врз основа на истоимениот роман од 1943 година. Во сите филмови тежнее да постигне идеална прецизност, па со недели, дури и со месеци бил во состојба да чека соодветни временски услови за снимање.
По Втората светска војна, Куросава преминува на современи теми во кои ги разобличува пороците на општеството („Пијан ангел“, „Таен двобој“, „Куче скитник“, „Скандал“). Меѓународна слава му донесе „Рашомон“ (1950), кој е награден на Венецијанскиот фестивал, како и филмот „Седум самураи“ од 1954 година. Неколку филма снима по мотиви на книжевни дела на светски класици, како „Идиот“ на Достоевски, „На дното“ на Горки, „Крвав престол“, по Шекспировата „Магбет“, а во сите овие филмови дејствието е поместено во Јапонија.
Јапонската критика и публика не ги прифаќаат филмовите на Куросава, забележувајќи му дека е преголем „зависник“ од западната култура. Во 1966 година се согласува во Холивуд со американски глумци да го сними филмот „Побеснет воз“, а една година подоцна ги пренесува на филмското платно воените епизоди од Перл Харбор, во чиј наслов влегле кодирани радиосигнали „Тора!Тора!Тора!“ (Тигар). Поради несогласување со продуцентската компанија „20 Сенчери фокс“, славниот јапонски режисер го прекинува снимањето и се враќа во својата татковина. Неговиот прв колор филм „Под трамвајските шини“ пропаѓа во кината, а две години подоцна има обид за самоубиство, но е спасен. Неговите подоцнежни филмови „Соништа“ (1990) и „Рапсодија во август“ се инспирирани од личните доживувања. Во 1990 година добива почесен „оскар“ за придонес во развојот на филмот. Последниот филм „Мададајо“ е снимен во 1993 година. Куросава бил оженет со глумицата Јого Јакути со која има две деца. Починал од срцев удар во 1998 година, на 88 години.