Ама они сакаат историскиот криминал да си го исперат преку избори, и сите други треба да ги следат во тaa намера.
Oва е опасна теза. Вика дека може да се испере криминал со избори и како таква гледам дека успешно се продава. Ако може криминал да се испере преку избори, а мнозинството гласа за криминалците, тогаш или на мнозинството не му е гајле за тој криминал, не го засега, или па изборите се механизам на санкционирање криминал.
А не се. Исто како што старчето, дедо Љубе мислам дека беше, ТРЕБА да биде осуден и да одлежи некој ден во затвор, иако мнозинството преку петиции и иницијативи бараше да биде ослободен затоа што само си го бранел домот и бабата, така и криминалците во власта треба да бидат судени иако мнозинството ги гласало да бидат на власт.
Ова дека избори стануваат акламација на една апсолутна власт е сериозен проблем. Тоа дека "народот ќе одлучи" оди во спротивност со суштината на постоењето на судската власт. Таа судска власт (треба да) постои баш за да ги заштити ранливите категории од властите, маргинализираните и обесправените индивидуалци од тиранијата на масите, да го заштити човекот од "народот". Таа судска власт не (треба да) ја интересира мнозинството, резултатите на изборите, кој е власт, а кој опозиција.
Таа судска власт денес е покриена со "народот ќе одлучи".
Не смееме да прифатиме "народот ќе одлучи". Тоа е апсолутистички, диктаторски речник и не гледам некој сериозно да го наметне како проблем. Народот ќе одлучи во превод значи дека постои една власт во државата, законодавната и сите други се ефективно укинати и постојат само како декор.
До пред некое време бев против СЈО затоа што е неуставно и како такво опасен преседан. Сега мислам дека не е проблемот во СЈО, туку во самиот компромитиран Устав. СЈО, како привремено решение треба да постои се додека не се создадат услови за нов Устав, распуштање на денешниот состав на уставни судии, менување на критериуми за тоа кој може да стане уставен судија, продолжување на мандатот за да се избегнат уцени и давање дополнителни ингеренции на Уставниот суд за да може да се заштити од законодавната власт. Ова мораме да го направиме, ама искрено не знам дали било кој од денешниве фактори во политиката е спремен или има капацитет за такво нешто.