http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=818101059463&id=21&prilog=0&setIzdanie=22062
Петровски и Аврамовски се пред враќање во МЗТ?
Се најавува доаѓање и на Грнчаров, како и ангажирање на неколкумина квалитетни кошаркари од странство
Поранешните кошаркарски репрезентативци на Македонија, Јане Петровски и Синиша Аврамовски, следната сезона најверојатно ќе го носат дресот на екипата на МЗТ Скопје, дознава „Нова Македонија“. Станува збор за играчи кои првите кошаркарски чекори ги направија во тимот од „Јане Сандански“, а кои изминативе неколку години настапуваа надвор од Македонија. Минатата сезона Петровски ја заврши во дресот на бугарскиот тим Рилски спортист, додека Аврамовски настапуваше за косовска Трепча.
Пред враќање во сино-белиот дрес е и Тони Грнчаров, кој најдобрите партии во досегашната кариера ги прикажуваше токму во таборот на МЗТ пред неколку години. Минатото првенство тој беше дел од вицешампионот Вардар осигурување.
Покрај најавеното ангажирање на Петровски, Аврамовски и на Грнчаров, управата на МЗТ се обидува да дојде и до квалитетни засилувања од странство. Засега нема ништо конкретно по ова прашање, но нема да биде изненадување ако челниците на тимот од „Јане Сандански“ наскоро официјално објават доведување на неколку квалитетни интернационалци од соседна Србија.
Ако „металците“ успеат да ги доведат сите горенаведени кошаркари, тогаш лесно може да се случи следната сезона во сино-белиот дрес да настапи и легендарниот Петар Наумоски, чиј единствен услов за тоа било формирање респектабилен тим. Со евентуалниот ангажман на Петровски, Аврамовски, Грнчаров и на неколкумина странци би се исполнило барањето на популарниот Пеце, по што армијата навивачи на МЗТ следното првенство би можеле да бидат сведоци на чудото што го чекаат речиси две децении - освојувањето на шампионската титула.