Фискална стратегија: Долгот ќе расте, дефицитот ќе се намалува
Објавеново 10:26 24 декември 2015| Прочитано181|
Па И. Маневска
Владата во последната Фискална стратегија за периодот од 2016 до 2018 година најавува зголемување на јавниот долг, намалување на буџетскиот дефицит и на расходите.
Јавниот долг на Mакедонија до 2018 година ќе достигне 5,6 милијарди евра или 52,4 отсто од БДП. Вкупниот јавен долг на крајот на 2016 година ќе изнесува 49,1 отсто од БДП, во 2017 ќе се искачи на 51,3 отсто, а во 2018 година би дошол на ниво од 52,4 проценти.
Во следните три години, од 2016 до 2018 година земјава на кредиторите вкупно да им врати 1,14 милијарди евра, од кои 518 милиони евра кон странските, а 620 милиони евра кон домашните кредитори.
Зголемениот долг ќе биде резултат на нови задолжувања, од 2 милијарди евра.
Според овој документ, се предвидува етапно намалување на буџетскиот дефицит. Во 2016 година тој ќе изнесува 3,2 отсто од БДП, во 2017 година 2,9 проценти и во 2018 да достигне 2,6 отсто.
Намалувањето на дефицитот го сугерираа изминатите неколку години и меѓународните финансиски инстиуции, а Владата во минатите фискални стратегии првично планираше целта на буџетски дефицит од 2,6 отсто да се достигне во 2016 година, па ја пролонгира за 2017 година, а со последната стратегија најавува дека тоа ќе се случи во 2018 година.
Финансирањето на планираниот дефицит, според она што се најавува во стратегијата, ќе се врши вообичаено од домашни и странски извори: кредити од меѓународни институции, кредитни линии за проекти, еврообврзници и друг вид странско задолжување и емисии на државни хартии од вредност.
Во стратегијата се предвидува и намалување на расходите од 35,8 на 33,8 отсто во 2018.
Очекувањата на Владата се дека домашниот бруто производ (БДП) ќе расте од 4 отсто во 2016 до 4,5 отсто во 2018 година. Растот и натаму главно се темели на градежништвото.
Планирано е да се обезбеди контрола на вработувањата во администрацијата, зголемување на пензиите, платите и социјалната помош, како и намалување на невработеноста на 22 отсто.
http://plusinfo.mk/vest/52218/fiskalna-strategija-dolgot-kje-raste-deficitot-kje-se-namaluva-