ДОБРО, ЌЕ ИНТЕРВЕНИРАМЕ. ПРАТЕТЕ ГО СОЛЕЈМАНИ“
Како ирански генерал во Москва ги планирал сириските напади
На состанок во Москва во јули, еден од главните ирански генерали ја размотал мапата на Сирија за да му објасни на својот руски домаќин како серијата порази на претседателот Башар ал-Асад би можело да се претворат во победа - со помош на Русија, пишува
Ројтерс.
Посетата на генерал-мајорот Касем Солејмани на Москва беше првиот чекор во планирањето на руската воена интервенција што ја преобликува сириската војна и скова нов иранско-руски сојуз за поддршка на Асад.
Додека руските воени авиони ги бомбардираат бунтовниците одозгора, доаѓањето на иранските специјални сили за копнени операции го заокружува неколкумесечното планирање меѓу двата најважни сојузници на Асад, мотивирано од паниката поради брзиот напредок на бунтовниците.
Солејмани е командант на Кудс-силите, елитни екстериторијални специјални сили на иранската Револуционерна гарда, и му одговара директно на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи.
Регионални извори велат дека тој веќе ги надгледува копнените операции против бунтовниците во Сирија и дека сега се наоѓа во центарот на планирањето на новата офанзива поддржана од Русија и Иран.
Повод за неговата средба во Москва било влошувањето на ситуацијата во Сирија, каде што напредокот на бунтовниците кон брегот претставуваше опасност за срцето на алавитската секта на Асад, каде што Русија ја има својата единствена медитеранска поморска база во Тартус.
„Солејмани ја стави мапата на Сирија на маса. Русите беа многу вознемирени, сметаа дека работите рапидно се влошуваат и дека постои вистинска опасност за режимот. Иранците ги уверија дека сè уште постои можност за враќање на иницијативата“, рече висок регионален претставник. „Во тоа време, улогата на Солејмани беше да ги увери дека не сме ги загубиле сите карти.“
„Пратете го Солејмани“
Тројца високи функционери од регионот велат дека на патувањето на Солејмани во јули му претходеле руско-ирански контакти на високо ниво, од кои произлегол политички договор за потребата да се впумпа нова поддршка за Асад, чии загуби се зголемуваа.
Нивното планирање на интервенцијата почнало неколку месеци порано. Тоа значи дека Техеран и Москва разговарале за начините да го поддржат Асад со употреба на сила дури и додека западните функционери го опишуваа она за што веруваа дека е нова флексибилност во ставот на Москва за иднината на сирискиот претседател.
Пред последниве потези, Иран воено му помогна на Асад со мобилизирање на шиитските милиции да се борат рамо до рамо со сириската армија и со праќање на иранските офицери од Револуционерната гарда како советници. Голем број од нив беа убиени.
Русија, сојузник на Дамаск од Студената војна, ѝ даваше оружје на сириската армија и го штитеше Дамаск од западните дипломатски обиди да се санкционира Асад во Обединетите нации.
Одлуката за заеднички иранско-руски воени напори во Сирија беше донесена на состанокот меѓу министерот за надворешни работи на Русија и Хаменеи пред неколку месеци, изјави висок претставник на една земја во регионот, познавач на безбедносните прашања.
„Солејмани, назначен од Хаменеи да ја води иранската страна на операцијата, отпатува во Москва на разговори околу деталите. Неколку пати од тогаш тој отпатува и во Сирија“, рече официјалното лице.
Руската влада соопшти дека нејзината воена интервенција во Сирија е резултат на формално барање од Асад, кој самиот во јули ги изложил проблемите на сириската војска, велејќи дека се соочува со недостиг од луѓе.
Хаменеи во Москва испратил и висок функционер за да се сретне со претседателот Владимир Путин, рече друг висок регионален претставник. „Путин му рекол: 'Добро, ќе интервенираме. Пратете го Касем Солејмани'. Тој отиде да ја објасни мапата на операциите.“
Жител на Дамаск
Во досега најголемото распоредување ирански сили, извори за Ројтерс минатата недела рекоа дека од крајот на септември стотици војници пристигнале во Сирија за да учествуваат во големата копнена офанзива планирана во западниот и северозападниот дел.
Околу 3.000 борци од либанската група Хезболах, поддржана од Иран, исто така се мобилизирани за борба, заедно со војниците на сириската армија, изјави висок регионален извор.
Тој рече и дека воената интервенција во Сирија е утврдена со договор меѓу Москва и Техеран во кој се вели дека руските воздушни напади ќе ја поддржат копнената операција на иранските, сириските и либанските Хезболах-сили.
Договорот содржи и обезбедување на пософистицирано руско оружје за сириската армија, како и воспоставување соби за заеднички операции, кои ќе ги здружат овие сојузници, заедно со владата на Ирак, која е во сојуз и со Иран и со САД.
Една од операциските соби е во Дамаск, другата е во Багдад.
„Солејмани е речиси жител на Дамаск, или, да речеме, често оди таму и може да го начекате помеѓу средбите со претседателот Асад и посетите во командата на операциите како и секој друг војник“, рече еден од регионалните функционери.
Министерот за надворешни работи на Сирија во понеделникот рече дека руските воздушни напади биле планирани со месеци.
http://www.mkd.mk/svet/analizi/kako-iranski-general-vo-moskva-gi-planiral-siriskite-napadi