OBSE go home
http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=632D40BA71EDCB4896EB3AFF06C23629
http://infomax.mk/wp/?p=31857
Мисијата на ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа) во Скопје три недели пред да се случи нападот на терористите на полициската станица во Гошинце знаела дека се подготвува поголема акција во реонот на Липково и дека лица што се претставувале како ОНА барале логистичка и друга поддршка за стационирање поголема вооружена група во таа област. Сето ова, според нашите информации, ОБСЕ го премолчала, и не ги предупредила македонските безбедносни служби. Дека Мисијата на ОБСЕ знаела за вооружената група и подготовката на акција во Липковско стои во извештај на самата меѓународна организација, а кој се однесува на вонреден состанок на претставниците на дипломатскиот кор и меѓународните мисии во државата, одржан 24 часа по настанот во Гошинце т.е. на 22 април. Од ОБСЕ немаа коментар за ваквиот скандал за премолчување на безбедносна закана за државата иако една од нејзините цели е токму системот за превенирање вакви институции и следење на состојбите во пограничните области.
Терористичкиот напад не ја изненади ОБСЕ
- Од ОБСЕ известуваат дека имаат теренски податоци дека во текот на последните три недели се подготвува поголема акција во реонот на Липково. Нападот во Гошинце не е неочекуван. Нивниот извештај содржел податоци од месното население во Липково, но и од претставници на ДУИ во општината Липково кои зборувале за ова со теренските офицери на ОБСЕ во изминатите три недели пред инцидентот да се случи. Локалните жители на теренските офицери на ОБСЕ им пријавиле дека во реонот на Липково, лица кои се претставувале како ОНА барале логистичка и друга поддршка за стационирање поголема вооружена група во таа област – раскажува за „Дневник“ висок дипломат, ставајќи ни го на увид извештајот од ОБСЕ од состанокот од кој всушност и ни ги цитира податоците.
Ваквите информации, според извори од безбедносните служби, не биле разменети со ниту еден државен орган како МВР или другите безбедносни структури.
Се работи за извештај што не е класифициран како доверлив, но кој Мисијата на ОБСЕ или амбасадорите што присуствувале на состанокот не го објавија јавно. Во извештајот уште се вели дека ОБСЕ има индиции дека вооружената група можно е с` уште да се наоѓа во областа. Претставникот од грчката канцеларија за врски, пак, според дипломатскиот извор го отворил прашањето на сличностите со настаните во 2001 година.