Број 2906 сабота, 07 февруари 2009 утрински весник
Кризата им става јамка околу вратот на Русите
Невработеноста е главна причина што во последниве два месеца во Русија рапидно е зголемен бројот на самоубиства
Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Поради проблемите што ги донесе економската криза во Русија, во последниве два месеца рапидно е зголемен бројот на самоубиства. Повеќе од 100 луѓе се самоубиле, бидејќи ја загубиле работата или не можеле да ги решат финансиските проблеми. Зголемен е и бројот на случаи на самоубиства на бизнисмени кои не можат да ги вратат долгувањата. Експертите прогнозираат дека оваа година ќе биде запаметена како рекордна по бројот на самоубиства. Досега повеќето самоубијци во Русија се одлучуваа на тој последен чекор, бидејќи не можеа да ја преживеат невозвратената љубов или да ја издржат измамата. Сега на прво место се самоубијците кои останале без работа.
Русија и инаку спаѓа во земјите со најголем број самоубиства во светот. Минатата година во Русија се убиле дури 35.000 луѓе, што се 29 самоубиства на сто илјади жители. Само за споредба, во светот просекот е 14 самоубиства на 100.000 жители.
Од стресовите предизвикани од економската криза умираат 20 отсто повеќе луѓе отколку од погрешна дијагноза од лекар. Овој загрижувачки податок го соопшти познатиот руски академик и нобеловец Евгениј Чазов, кој беше лекар на многу советски лидери.
Меѓу самоубијците секој има своја приказна. Така, кон крајот на декември во Нижни Новгород еден возач извршил самоубиство, бидејќи пред кризата купил автобус на кредит, но поради економската ситуација повеќе не можел на банката да и' го враќа долгот. Тој во гаражата со ловечка пушка си пукал во срцето. Без татко останаа две деца за кои сега треба да се грижи само мајката.
Неодамна во Волгоградската област се самоуби раководител на голем агрокомбинат. Тој пред почетокот на земјоделската сезона зел кредит, но кога ја продаде летнината, сепак, не успеа да и' го врати долгот на банката. Во кризата во која се нашол се одлучил самиот да си пресуди не чекајќи со банката да се влече по судови.
Психологот Олга Межењина објаснува дека сега се' почести се случаите на самоубиство поради тоа што некои луѓе не гледаат никаков начин како да ги вратат зајмените пари. Покрај нив, чести жртви се лица кои мислат дека кога ќе останат без работа никогаш повеќе не ќе можат да се вработат.
Во Тјумен на крајот од декември едвај беше спасена една 25-годишна девојка која си ги пресече вените, бидејќи остана без работа. Во Нижни Новгород кон крајот на минатата година изврши самоубиство Анатолиј Јемелин, директор за кадри на автомобилската компанија „Газ“. Тој беше пронајден во дворот на големата фабрика.
Во Магнетогорск еден работник дојде до таква психолошка криза поради економските проблеми во кои сега се наоѓаат металурзите, што се фрли во растопеното железо. Психологот Павел Пономарјов објаснува дека кога некој ќе изврши самоубиство на работа тоа има и демонстрантивна порака. Тоа се лица кои инаку малку се забележуваат и не зборуваат многу. Тие сакаат да бидат запаметени како маченици. Психијатрите тврдат дека главни причини за самоубиствата се сложените односи со блиските роднини и пријателите. Поради тоа на еден број луѓе работата им останува единствено важно место во животот.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=CCA15F2FFA999B43A9C0A5904258244B
.
.
.
.
..
.
Број 2568 понеделник, 24 декември 2007 утрински весник
Македонија
Бројот на самоубиства рапидно расте
108 лица годинава си го одзедоа животот поради семејни проблеми, сиромаштија, љубовни маки...
ЈУЛИЈАНА КИМОВСКА
Несигурната егзистенција, семејните проблеми, сиромаштијата, нарушената здравствена состојба, депресијата, љубовните маки, ова се само некои од причините поради кои 108 лица годинава си го одзедоа животот. Црните бројки од статистиките на полицијата говорат дека во просек две лица неделно посегнуваат по својот живот. Најголем број од самоубиствата се случиле со бесење, но не е мала бројката и на млади луѓе кои прерано одлучуваат да го прекинат својот живот фрлајќи се од повеќекатници, мостови или фрлајќи се под воз. Психолозите предупредуваат на рапиден пораст на самоубиства, што е знак дека е неопходна поголема превенција со цел да се намалат црните бројки.
Психијатрите ги дефинираат самоубиствата како насочување на агресивноста на човекот кон себе. Според нив, тие претставуваат многу значаен показател што ги отсликува социјалните, правните, политичките и економските состојби на една држава. Социолозите велат дека мал е бројот на луѓе кои ниту еднаш во животот не помислиле на самоубиство, гледајќи во тоа единствен спас за несреќата што ги снашла.
„Самоубиствата најчесто се извршуваат во многу депресивна состојба, кога луѓето чувствуваат дека ја губат волјата за живеење. Понекогаш станува збор за планирани самоубиства, но луѓето креваат рака врз себе и во моменти на длабоко чувство на вина“, објаснува невропсихијатарот Александар Марцикиќ. Според МВР, најголемиот број или 60 самоубиства годинава биле извршени со бесење. Покрај бесењето, како најчест начин за самоубиство кај нас, лицата со суицидна намера употребуваат оружје, лекови или, пак, скокаат од височина. Најголем број од лицата кои одлучиле сами да си го прекинат животот се на возраст над 30 години.
Марцикиќ објаснува дека самоубиствата најчесто се случуваат во утринските часови, поради размислата на луѓето со чувство на вина околу тоа како ќе се соочат со уште еден ден поминат со грижа на совест. „Раното будење и соочувањето со реалноста дека ќе мора да издржи уште еден ден се причини поради кои се случуваат планираните самоубиства“, вели д-р Марцикиќ.
Психолозите предупредуваат дека последниве неколку години е забележан рапиден пораст на самоубиства, што е знак дека треба да се работи на поголема превенција со цел да се намалат црните бројки. Годинава за само девет месеци 108 лица си ги одзеле животите, додека минатата година 156 Македонци сами си пресудиле. Во 2005 година се самоубиле 155 лица, што е на границата на ниска стапка на самоубиства од десет самоубиства на 100.000 жители. Во светски рамки, според бројот на самоубиства, на врвот е Литванија, каде што на секои 100.000 луѓе се случуваат 44 самоубиства. По неа следуваат Русија, Летонија, Белорусија и Казахстан. Од земјите во нашето соседство на врвот по самоубиства е БиХ, каде што минатата година се регистрирани речиси 500 случаи. Во Бугарија, пак, има рекорден број на деца што си го одзеле животот. Годишно дури 60 деца во Бугарија се одлучуваат на овој кобен чекор
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C2B1E362EFD93E4E9055101C1B52EE90
.
.
.
.
.