ДЕМОЛИРАН ЛОКАЛОТ НА ЕМИН И АДРИЈАН ГАЏА
Локалот „Гаџа бар“, сопственост на менаџерот Емин Гаџа, татко на пејачот Адријан Гаџа, бил демолиран во саботата вечерта во Старата чаршија.
Според сопственикот, група од 13 насилници учествувале во насилството, откако не сакале да платат влезница за концерт во локалот.
- Вандалите на најголемиот муслимански празник Бајрам влегоа со палки, го демолираа локалот, а го повредија и мојот бизнис-партнер. Хулиганите се на возраст од 20 до 30 години. Истата група постојано прави проблеми во локалите низ Старата чаршија - вели Емин Гаџа.
Инцидентот почнал откако на насилниците не им било дозволено бесплатно да го следат настапот на познатиот албански пејач Синан Хоџа. Хулиганите револтирани влегле внатре и почнале да ги кршат инвентарот и прозорците.
Гаџа објаснува дека локалот има видеонадзор, па камерите ги снимиле насилниците и очекува полицијата да ги идентификува и уапси.
- Не само во мојот локал, туку во сите локали прават инциденти. Јас сум првиот Албанец-бизнисмен од чаршијата кој јавно прозборува за овој голем проблем. Јас сакам да го заштитам угледот на Албанците и опстанокот на нашиот бизнис од тие што прават проблеми - вели Емин Гаџа.