Има ли некој што се занимава со ментализам?
Еве најдов едно интервју од Душан Петковски, менталист и магионичар.
Не лажете го дечкото, ќе ве прочита!
Идејата на техниките кои ги користи менталистот не е само да фати некого во лага, да открие некоја тајна од потсвеста на соговорникот, туку со овие техники може и да се мотивираат луѓето да престанат да пушат или да направат нешто од својот живот наместо по цел ден да пијат кафе и да се излежуваат, вели Душан Петковски, менталист, експерт за меморирање и магионичар
Го сретнавме на Фестивалот на телото, духот и умот во Скопје. Најавата дека на импровизираната сцена ќе се појави Душан Петковски - македонскиот магионичар, експерт за меморирање и менталист, не заинтригира. Од начинот, пак, на кој комуницираше со публиката додека го изведуваше трикот со картите, при што ја презентираше и импресивната моќ на памтење, бевме импресионирани.
Магионичар, и менталист - збор кој на многумина не им е јасен. За што всушност се работи? - Ментализам е област што се занимава со читање на мислите, односно со психологија. Се работи всушност за техники, со кои можеме да проникнеме во потсвеста и да натераме некого да открие нешто од својата потсвест што не би го открил при нормална интеракција.
Американците снимија серија "Менталист", во која главниот лик успешно помага во решавање на сложени случаи на убиства. Сметаш ли дека ова е реално?
- Не сум ја гледал серијата, но сум слушнал. Да, се работи всушност за техниките кои ги користи главниот лик. Навистина постојат и можат да се користат не само за истраги, туку и во секојдневната интеракција со луѓето. Тоа се техники на НЛП, (невро-лингвистичко програмирање) каде со говор и допири во комуникацијата може да откриеме навистина многу работи од потсвеста на соговорникот. Може да откриеме некоја тајна, да го фатиме кога лаже, да изнудиме некој одговор...
Дали можеш да откриеш кога тебе те лажат?- Да, секако, и техниките што ги научив ги применувам во секојдневниот живот, иако всушност нема многу луѓе кои би ме излажале, бидејќи сум во градот познат како човек кој се бави со овие работи. Затоа често ги предупредуваат моите соговорници, "Подобро не го лажете дечкото, ќе ве открие". Се случува често луѓето да бидат и многу резервирани во комуникација со мене кога ќе дознаат со што се занимавам...
Колку оваа способност за да проникнеш во психата на луѓето ти помага кога девојките се во прашање?
- Мора да признаам дека сега веќе не ги користам бидејќи имам сериозна врска, но порано ги користев и навистина помага. Сепак, не е идејата само да фатите некого во лага или да му се допаднете некому, туку со овие техники може да се мотивираат луѓето, на пример, да престанат да пушат или да направат нешто од својот живот наместо по цел ден да пијат кафе и да се излежуваат.
Всушност, не те прашавме што те натера да се занимаваш со психологијата на луѓето?- Студирам програмирање, последна година сум, но покрај ова веќе седум години сум и магионичар. Правејќи трикови со карти и работејќи со луѓето беше неопходно да се вдлабочам малку во сферата на психологијата. Сите тие трикови би имале поголем ефект кога би знаеле како да ги продадеме, да ги презентираме и изнудиме емоционална реакција од публиката. Исто така, ги научив и техниките за подобрување на меморијата. Тргнав од тоа да можам да меморирам цел шпил карти и после увидов дека овие техники всушност можам да ги користам и за друго. За памтење на огромна низа од броеви, зборови... Ова го демонстрирав и на Електротехничкиот факултет каде го изрецитирав бројот Пи до неговата илјадита децимала.
Дали своето искуство успешно го пренесуваш и на други луѓе?
- Тие техники не се нешто што најлесно ќе го научат, но не се ниту нешто најтешко. Релативно се едноставни и кога ќе се сфати "цаката" меморијата станува супериорна во однос на онаа што ја имавме. Држам и предавања, но не објаснувам теорија, туку на луѓето им ги кажувам техниките, кои тие можат веднаш да ги применат и самите да согледаат колку можат да напредуваат.
Значи ли тоа дека информатиката ќе ти стане хоби, а психологијата и магијата професија?- Пред се, си ја сакам професијата и тоа што го студирам. Се гледам како информатичар, а техниките што ги научив ќе ги чувам како трик во мојот ракав, евентуално за областа на маркетингот каде навистина многу помагаат. Држам и часови за магионичарски трикови, а постојано ми приоѓаат и луѓе кои бараат да ги научам на техниките за зголемување на меморијата, бидејќи зголемувањето на капацитетот и способноста на тоа што го можеме е интригантно за секој човек. (Д.Т.)
Немам именик, сите броеви ми се во глава
Техниките за меморирање што ги научив навистина беа добредојдени и при учењето, но ми користеа и за лично задоволство. Немам именик во телефонот, сите имиња и броеви ми се во главата. Не ми треба потсетник кога треба да купувам. Моите знаат да ме прашаат каде е некој предмет кога ќе заборават каде е оставен... Техниките кои ги научив ми станаа инстинкт и веќе можам да ги користам во кое било време.
Извор