Тешко прашање. Кај секој е различно, па затоа ќе си кажам за мене. Како паметни луѓе, треба прво да ги испитаме причините заради кои луѓето масовно вадат бугарски пасоши, а не одма да ги етикетираме како „предавници“. Се шпекулира дека од 150 000 до 200 000 МК граѓани поседуваат БГ пасош. Јас лично извадив заради тоа што не сакам да живеам / створам фамилија во Македонија и сметам дека со БГ пасош значително се олеснува наоѓањето на работа во Европа.
Зошто не сакам да живеам во Македонија?
- Ми се смачи да работам за искомплексирани македонски „газди“ за мизерни 300 евра (од кои пола ми одат за сметки);
- Никаква тимска работа и работна атмосфера, сите го кријат знаењето, пошто некако во нашиот менталитет е втерано она „Ти да не сакаш да ми го земеш занаетот а? Хехе“;
- Санкции (намалување на плата) заради најглупи и прелесно-решливи проблеми, а за успешна работа никаква стимулација. Треба да си среќен дури и ако те тапнат по рамо да ти речат „Браво“;
- Употреба на некомпатибилен работен кодекс. Сакаат да применат правила за работници во фабрика за текстил, во фирма што се занимава со ИТ;
- Многу често пријавување на работниците на помала заработувачка за избегнување трошоци кон државата. Пример: Работник кој зема 15 000 МКД, 10000 МКД ги зема како официјална плата, останатите 5000 во кеш. Поради ова, работникот е изложен на ризик да не ги земе тие останати 5000 МКД (како што ми се случи мене неколку пати, а и најверојатно на многу други). Тешко на оние кои ИЧ не се пријавени;
- Катастрофа администрација и премногу бирократија;
- Катастрофа образование, здравство и социјална безбедност - трите работи според која сметам дека една држава е силна држава;
- Полицијата се замислува дека е над законот;
- Законите за физичките и правните лица се селективни (многу зависи дали татко ти е директор на Х компанија, или чувар во Y фирма);
- Партиската книшка стана лична карта, договор за работа и многу др.
- Превисока корупција;
- Сѐ на сѐ низок квалитет на живот.
Прочитав некој тука пишале дека ги признавале луѓето кои ваделе БГ пасоши само доколку биле на работ на егзистенција, но не и оние на кои ништо не им фалело. Меѓутоа, во човечката природа е тоа да напредуваш постојано, не да застанеш некаде и да речеш „Доста ми е ова, сега сѐ е совршено“. Ако некој смета дека Македонија е совршена онаква каква што е, се наоѓа во огромна заблуда.
Зошто бугарскиот пасош е во поголема предност од македонскиот?
1. Бугарија е дел од ЕУ и дел од ЕЕО (Европска Економска Област), за која важи слобода на движење на работниците, т.е. работа без работна дозвола (работна виза) (повеќе инфо
http://en.wikipedia.org/wiki/Freedom_of_movement_for_workers ). Швајцарија и Лихтенштајн скоро ставија рестрикција на ова право; Швајцарија можно е да го продолжи до 1ви мај 2019-та година (за повеќе информации, гуглај "Swiss popular initiative against mass immigration").
2. Поради 1, процедурата за вработување е иста како и на матичните граѓани на државата во која се аплицира и следуваат истите права како да си граѓанин на таа држава.
3. Поради 2, значително е олеснета цела процедура на вработување.
Во Фено-Скандинавските земји бирократијата се состои од:
- Потпишување на договор за работа и за живеалиште (стан под ќирија и сл.) - 1 минута
- Со договорот за работа, договорот за живеалиште и пасошот, се оди во даночната администрација за пријавување на данок од примања и добивање на матичен број. - 30 минути
- Со извештајот од даночната администрација, договорот за работа, договорот за живеалиште и пасошот се оди во банка за отворање на трансакциска сметка. - 20 минути
- По 3 месеци, неопходно е пријавување во полиција поради останување на период подолг од 3 месеци. - 10 минути
- Регистрацискиот документ од полиција треба да се однесе во Регистар за Население и Живеалишта - 5 минути
- Пријавување во Социјална Безбедност со договорот за работа и извештајот од даночната администрација - 20 минути
- (Опционално) Вадење лична карта - 20 минути
Не треба да се враќа по 2 пати во било која институција. Сите резултати за кои мора да се чека (дебитна картичка, регистрациски документ) ги праќаат на домашната пошта.
За да бидам доволно фер, не значи дека ако немаш БГ пасош дека немаш шанси да се вработиш како Македонец некаде. Единствената разлика е тоа што со БГ пасошот имаш многу поголем избор и е многу полесно.
И како последно да додадам, јас не чувствувам никаква етничка и национална припадност, уште помалку гордост, така да во животот ми е сеедно дали сум македонец или бугарин или албанец или што и да е друго. Националната гордост е отров на човештвото и затоа одиме наназад, не само ние туку цел Балкан. Ниту леб ти носи на масата, ниту ти се грижи за твоето семејство, ниту па на било каков начин влијае на твојот секојдневен живот. Тие што не работеле надвор од Македонија (зборам за легално), му препорачувам да пробаат барем.
Поздрав добри луѓе.