Завчера уште една пријателка ми најави заминување од Македонија.Кога ја прашав кога дефинитивно ја донела одлуката да си замине, таа ми рече: „Во еден целосно безначаен момент. Имав пациентка за која имав досие (анамнеза), но ја прашав: ‘Мајче, што ти е тебе?’ Ми одговори: ‘Оперисана сум.’ Ја прашав: ‘Од што си оперисана?’ Таа рече дека не знае, дека никој не и кажал“. Тогаш мојата пријателка ја прашала: „А знаеш ли како ти се вика соседот?“ Оваа рекла „да“, и го кажала името. „Знаеш ли како му се вика жената?“ Оваа рекла „да“. Потем ја прашала а дали соседот има љубовница, на што уследил одговорот „да“. „А дали и го знаеш името?“ Не само што жената го знаела името на љубовницата туку знаела и каков автомобил вози, и чија ќерка е, и каде работи. На тоа мојата пријателка и рекла: „Мајче, не можам да сфатам колку имаш интерес да знаеш за другите, а за својата болест – ништо“.
Е тоа е тоа – луѓето си заминуваат и поради нискиот просек на образование кај обичниот народ. Како што рече мојата пријателка во заминување: „Не можам да се помирам со фактот дека ние што нешто знаеме, во споредба со оние што се главното гласачко тело на нацијата, водиме со 100:0. А тие нас нé победуваат на секое гласање со 100:0. Па, потем, оние што доаѓаат на власт кон нас што нешто знаеме се однесуваат како да водат со 100:0.
И оди сега кажи и да остане, кога со своите зборови ги прави парче сите од власта, опозицијата, неопределените, плашливите, недугавите, богатите, сиромавите со 100:0. Со среќа да си одиш во новата резервна татковина и приватна држава, драга моја пријателке! И да победиш таму со 100:0, оти овде и кога имаш 100, имаш 0. Сто отсто одат секогаш за данок на талентот!