Somewhere over the rainbow....
Да станеш христијанин ти треба најмалку 3000 денари!
Венчавката, во зависност од тоа дали пее еден поп или владика, може да стигне до 6000 денари, плус другите црковни трошоци. Дополнително се наплатува и за црковен хор
Венчавка 4000 илјади денари, крштевка три илјадарки, пеење славски колач најмалку 250 денари, исто толку светење вода...ако ти се умира, поарно и за тебе и за твоите најблиски да си одложиш...Вака, малку на шега, повеќе на вистина ми се пожали еден скопјанец кој се спрема за свадбена веселба, па по желба на невестата судбоносното "да" ќе го кажат и пред бога. Но, неговата мака е поголема. Тој самиот не е крстен, па бидејќи како младоженец пред олтар мора да застане како христијанин, ќе треба заедно со кумот да плати уште по 1500 денари за крштевка. Вкупно 3000 денари, така пишува во црковниот тарифник!
- Во целиот трошок - за убаво е и сакам да си платам, не е проблем. Но, ме нервира тоа што ќе дадам пари ама јас колку што сакам, не да ми одредуваат по ценовник како во кафич!? Вака, ич не ми личи на господова работа, вели нашиот соговорник.
А дека свештениците од МПЦ-ОА не се водат според зборовите на Исус Христос од Светото Писмо каде вели "Бесплатно добивте, бесплатно давајте" (Матеј 10:8) потврдуваат и самите. Отец
Бобан Митевски од кабинетот на архиепископот г.г. Стефан појаснува дека висината на црковните услуги ја одредува Управниот одбор на секоја епархија, но нивната висина од црква во црква не се разликува многу.
Обредите во манастирите, појаснува тој, не се бесплатни, туку луѓето сами оставаат колку милуваат.
- За секоја епархија тарифникот го формира епархискиот Управен одбор, но цените се речиси исти. Бесплатно или со симболичен надоместок се социјалните обреди: крштевка, венчавка, погреб итн., додава отец Бобан Митевски.
Митрополитот Европски, г. Пимен вели дека тарифник има и за обредите кои се вршат во дијаспората.
- Цените на услугите ги утврдува епархискиот Управен одбор како во земјава така и во дијаспората. Некои манастири само ја наплаќаат основната такса кон црквата, а делот за монахот кој го извршил обредот не се наплаќа, појаснува владиката Пимен.
Крштевката чини 3.000 денари плус две свеќи од по 120 денари. Венчавката, во зависност од тоа дали пее еден поп или владика, може да стигне до 6000 денари, плус другите црковни трошоци. Дополнително се наплатува и за црковен хор.
Позитивен пример е новоформираната Тетовско-гостиварска епархија каде по иницијатива на митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во изминативе два месеци беа организирани три свечени церемонии за бесплатно крштевање и венчавање на социјално загрозени лица. Беа покрстени четиринаесет верници и венчани седум парови со подолг брачен стаж.
- Секаде каде што моите свештеници ќе ме известат дека имаме ранливи категории верници кои имаат желба да се крстат, но немаат средства за тоа, лично ќе ги покрстам, изјави тогаш за ВЕЧЕР владиката Јосиф Тетовски и најави дека по Велигден, во Тетовско-гостиварската епархија ќе организира уште неколку бесплатни групни крштевки и венчавки.
(Е.А)