Zaphod Beeblebrox
Поранешен покул Божино

"Јас Самоил Мокри, од племето Берзити, Цар на светото Македонско царство, крунисан од папата од Ватикан, татко сум на целиот славјански род од Унгарија до Константинопол". Вака ги раскажува зборовите на царот Самоил, режисерот Антонио Митриќески, непосредно пред неговото заминување за Берлин каде пробуваат да најдат копродуценти за филмот "Цар Самоил". Сеуште е рано да се каже кога точно ќе се започне со снимање, но режисерот Митриќески за ВЕЧЕР открива дека главните борби на Самоиловата војска кои се воделе на Беласица ќе ги снимаат на Галичица, а ќе се снима и во Охрид, Мариово и на Марковите Кули во Прилеп.
Митриќески го прашавме и за детали околу снимањето на ослепувањето на војската на Самоил.
"Да, ослепувањето на војската ќе се снима. Тоа била непозната практика во дотогашните но и во понатамошните војни. Пред битката на Беласица, има сцена каде Цар Самоил се обраќа на своите војници: "Овдека оваа дема ќе ја браниме со крв и месо, тука ќе се судрат двете царства. Македонското и Византиското, и од оваа битка ќе зависи кој ќе владее во дните што доаѓаат и кога нас нема да не има. Ве уверувам дека Македонското царство ќе го има, па дури и ако владееме само со Преспа, Охрид, Струмица и Скопје. Ќе ја биеме битката за нашето свето царство. За нашиот јазик, за нашето име, тука ќе ги пречекаме Ромеите, кои далеку од своите домови, далеку од своите жени и деца доаѓаат да ни ги згаснат огништата", раскажува Митриќески додавајќи дека го фасцинира тоа што Самоил ја црпел силата од народот, од сиромашните, кои биле експлоатирани од Бољарите, од властодршците.
"Тогаш токму од Македонија почнува богомилството, кое ќе биде опфатено во филмот. Од голема сиромаштија кај народот се јавува отпор. Самоил контактира со сиромашните. И така сиромашниот народ се доближува до Самоил и станува негова војска. Самоил му вели на народот дека не се може без закон и полека во своите интимни размислувања доаѓа до идеја да направи праведно царство, да се истера Византија", вели Митриќески.
Продуцентот на филмот, Дејан Милошевски ни кажа дека е планирано од овој филм да произлезат и околу десетина епизоди. За време на посетата на Берлин, како што ни кажа, ќе се сретнат со двајца американски копродуценти, со англиски, а имало и заинтересирани дистрибутери од САД.
Сценариото за "Цар Самоил" е на Венко Андоновски, Митриќески и на Оливер Ромевски, а филмот е поддржан со 30.000.000 денари од Филмскиот фонд на Македонија во програмата од 2014 година.
Историски спектакл
"Цар Самоил е историски спектакл кој во своето средиште става еден средновековен великан: царот Самоил, кој ја создава првата македонско-словенска држава во 11-ти век, низ крвави борби со гласовитиот историски колос, Василиј Втори, предводникот на Византија. Цел живот овие двајца историски колоси се надмудруваат, за конечно во пресудната битка на Беласица, Самоил да биде поразен, неговите војници заробени и ослепени, а потем ослободени! Сите војници се ослепени а на секој 100-ти војник му е извадено само едно око за да може да води група од 99 слепи војници. Во оваа историска рамка вметнати се, во филмот и многу фикции, мали епизоди од семејниот и интимниот живот на колосалниот македонски цар кој својот подем го започна токму со востание против бугарската власт. Филмот е деликатен баланс меѓу интимното и историското, меѓу спалната соба и бојното поле, меѓу интригите на дворот и она што официјалната историја го соопштува како вистина", велат од продукцијата.
"Василиј Втори е исто така силен лик, нема семејство, се грижи само за империјата. Запишано е дека Василиј во битката на Беласица го загубил и својот љубовник што придонело за неговата жестока одмазда - ослепувањето на војниците, кога на секој 100-ти војник му оставал по едно око. Таа жестокост на Василиј ја предизвикала смртта на Самоил, гледајќи ги своите ослепени војници", вели режисерот.
Режисерот вели дека структурата ќе биде еден вид интимна исповест на Самоил кон својот слуга Радој, едно сеќавање, бладање, кошмар пред да умре, а откако ги гледа своите ослепени војници.
Самоил на својот слуга Раден, кој му е како татко му вели: Постоеја три големи царства до нашата појава. Ромејското, германското и бугарското. Бугарското го урнавме. Останаа две. Сега ни на едните, ни на другите не им е во интерес повторно да се јави трето, овојпат македонско. Но јас ти ветувам дека ќе го има! Радене!", раскажува Митриќески.