Јас веќе втора година по ред се грејам на котел на пелети, се исклучив од Топлификација, а радијаторите ги поврзав со новиот котел на пелети со моќност од 12 киловати, кој е наменета за станови до 100 метри квадратни. Бојлерот во купатилото исто така може да ја загрева водата преку парно греење и исто така е поврзан со котелот за да ја грее водата во бојлерот.
Имав проблем со чистењето на пепелта, која е многу ситна, поради што може да го задуши моторот на обичната правосмукалка и да ја расипе. Ова го решив со купување на правосмукалка која е наменета исклучиво за пепел и за ситна прашина, ме чинеше околу 4.000 денари. Но и со оваа правосмукалка, морам да признаам дека искуството со чистење на котелот барем еднаш неделно, не е баш пријатно искуство.
Главен проблем се издувните цевки, кои доколку не се што е можно пократки и што е можно поблиску до некој надворешен ѕид низ кој треба да поминат цевките за да ги исфрлат издувните гасови надвор од домот што е можно полесно и што е можно побрзо, тогаш можат да се задушат, бидејќи освен издувни гасови, исфрлаат и пепел, која со тек на време ќе ги задуши цевките и котелот ќе престане да работи.
Конкретно проблемот е во местоположбата на котелот во мојот стан. Котелот е наместен во ќош, а издувните цевки, кои се алуминиумски и не се заваруваат, туку се лепат со самолеплива алуминиумска трака, имаат дури 3 кривини, а котелот колку и да работи, сепак не може да ја истурка целата пепел низ тие кривини. Со тек на време, вообичаено после 1 ипол месец, мора да се извадат цевките и да се исчистат, а потоа повторно да се вратат и залепат со нова самолеплива алуминиумска трака.
Пелетите исто така можат да предизвикаат проблем. Мора да се биде максимално внимателен со изборот на пелети. Кога го купив котелот, нарачав и 100 вреќи пелети од Прилеп, не знаејќи колку само можат да направат беља бидејќи не беа чисти. Во вреќите имаше остатоци од дрвца, мали тврди дрвени парчиња кои и мало дете може да ги скрши како чачкалици за заби, но сепак доволно тврди за да ја заглават спиралата која се врти и ги внесува пелетите во котелот. Во зимата 2012/2013, два пати се заглави спиралата и морав да чекам да дојдат сервисерите, а бидејќи котелот го купив од Охрид, морав да ги чекам речиси цело попладне додека да дојдат и барем уште саат време додека го отвораат котелот и ја вадат заглавената спирала. Во тие два наврати додека ги чекав сервисерите да дојдат од Охрид до Скопје, котелот не работеше и нормално, радијаторите останаа ладни. Од тогаш сум максимално внимателен кога купувам вреќи со пелети, внимателно ги бирам вреќите за да се осигурам дека нема никаква трага од дрвени парчиња во нив, бидејќи можат и тоа како само да направат беља. Најчесто купувам Forest Enterprises пелети од Србија, кои ги има на бензиските пумпи на Макпетрол и во некои супермаркети кои продаваат алат и слично, како што се Хубо Маркет или Меркур и Бриколаж во Автокоманда.
Како капак врз сето ова, бидејќи јас живеам во станбена зграда, вреќите со пелети ги чувам во оставата во подрумот, а лифтот не оди во подрумот, поради што морам сите вреќи една по една да ги качувам по скали од подрумот до приземјето, па во лифтот, па откако ќе се качам со лифтот, ги растоварувам од лифтот до терасата, вообичаено поминувам месец дена со 20 до 25 вреќи, но тој еден ден во месецот кога ги качувам тие 20 до 25 вреќи од подрумот до лифтот, па од лифтот до терасата, воопшто не е пријатно и удобно искуство.
Кратко и јасно, чистењето и одржувањето на котелот е ептен заебано, а ако имате сопствена остава на истиот кат на кој се наоѓа печката/котелот на пелети, тогаш не би требало да имате проблеми со сместувањето на вреќите, се додека внимавате какви пелети купувате.