Хехе, на Македонија и се заканувале социјални немири.
За волја на вистината, се ближат редовните претседателски избори 2014, а можно е и вонредни парламентарни избори да се одржат заедно со нив, а во такви околности се е можно, само што нема да станува збор за социјални немири, туку ќе станува збор за предизборни и изборни инциденти, напади, полнење или кршење на изборни кутии, а можеби и убиства, не дај Боже.
Но социјални немири во Македонија немаше во 1990-те години кога политичарите ги осакатуваа индустријата и економијата, немаше во 2001 година кога беше потпишан Охридскиот Рамковен Договор, немаше во 2004 кога стружани единствени излегоа на протести против новата територијална организација на локалната самоуправа, за што тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски ги нарекуваше манијаци и хулигани, по што Струшките Вечери на Поезијата беа преместени од Струга во Скопје, а во Скопје никој не излезе да протестира поради преместувањето на манифестацијата од Струга во Скопје, ниту некој излезе да протестира во знак на поддршка кон стружани.
Во јуни 2011 се случи убиство на плоштад Македонија во Скопје, за време на прославата на владејачката коалиција по повод нивната трета по ред победа на парламентарни избори. Имаше протести, но експресно истите беа партиски етикетирани и изгубија на релевантност, бидејќи живееме во време кога се врши поделба на нашинци и туѓинци, да не речам на патриоти и предавници.
Банкрот е можен, менување на името и обезличување на државата и на нацијата се можни, па дури и отцепување на територии и нивно припојување кон соседите е можно, но социјални немири и војна се две невозможни работи во Македонија.
Социјалните немири се невозможни поради неинтересот на Македонците да го одбранат тоа што го имаат, од наједноставна причина бидејќи денешните Македонци не се бореле за тоа што го имаат, туку за тоа се бореле нивните баби и дедовци или прабаби и прадедовци кои од поодамна или се 3 метра под земја, или никој не им обрнува внимание кога говорат за што се бореле. Задолжителниот воен рок од поодамна е укинат, а просечниот Македонец нема ни лопата во рака фатено, со исклучок на партиските подлизурковци се разбира, поради што просечниот Македонец не знае ни со вили и секири да изразува револт, а камо ли па со современо огнено оружје.
Војната не е невозможна, но со армија која претежно постои за паради и за циркуски изведби, единственото оружје што му останува на Македонецот за спасување на мирот е белото знаме, па нека си трпи.
А кога сме кај тоа дека Македонија е една од 5-те најлоши економии во светот, тоа воопшто не може ни да биде предмет на дискусија. Кога партиската книшка и/или врските кај работодавачите се фактор за вработување, кога се инвестира во административни згради, споменици и фонтани, наместо во индустриски капацитети, кога си имаме работа со влада која подготвува санкции и казни за домаќинствата и за малите претпријатија, истовремено оставајќи ги големите загадувачи да уживаат во статусот "недопирливи и непобедливи", не може да се очекува никаква поинаква оценка за македонската економија од оваа.
Не пропаѓа Јапонија не се секирајте.
Нормално дека нема да пропадне Јапонија.
И најзадолжениот ентитет на светот ако знае како да ги троши позајмените пари, ќе оствари профит или барем стагнација, се со цел да не работи со загуба, а Јапонците одлично знаат како да го направат тоа.
За неинформираните кои не знаат како Јапонците ги трошат позајмените пари, еве им кратко и нецелосно објаснување - не ги фрлаат парите на административни згради, на споменици и на фонтани.