Гробот на Александар Македонски откриен во Египет?
01/05/2014 // Пред 1 ден //
ШТО МИСЛИ СВЕТОТ //
Коментирај
Група полски археолози тврдат дека во Египет го пронашле гробот на Александар III Македонски, познат и како Александар Велики. Пронајдената гробница е во областа Ком ел-Дика, во срцето на Александрија, на само 60-тина метри од џамијата Неби Даниел, каде според арапските традиционални верувања се наоѓа гробот на големиот војсководец и каде досега беа извршени многу ископувања.
Гробницата, која во античко време била познато место за посета, наводно била запечатена и скриена во третиот или четвртиот век од новата ера, за да се заштити од христијанско уништување на паганските објекти, со промената на официјалната религија во Римската Империја.
Целиот монумент, според историските преданија, е сведоштво за мултикултурната природа на империјата на Александар – комбинација на уметнички и архитектурни влијанија од грчко, египетско, македонско и персиско потекло. Инскрипциите во мавзолејот, повеќето на старо-грчки и египетски јазик, споменуваат дека тој е посветен на „Кралот над кралевите, Освојувачот на светот, Александар III“.
Во него бил пронајден скршен сакрофаг од кристал, веројатно оштетен за време на политичките немири во Александрија во 270-тата година од новата ера. Исто така биле пронајдени и 37 коски, повеќето скршени или многу оштетени, за кои се претпоставува дека му припаѓаат на едно возрасно машко лице.
Во тек е анализа за да се утврди староста на коските, како и испитувања кои треба да покажат дали тие му припаѓаат на старо-македонскиот крал. На локацијата биле пронајдени само мал број други артефакти, искршена грнчарија, најмногу од Птоломејската и Римската ера.
Египетскиот Врховен совет за антиквитети досега утврдил повеќе од 140 неуспешни потраги по гробницата на Алексдандар Македонски, а историчарите се обидуваат да понудат објаснување зошто археолошките потраги по еден од најзначајните историски објекти досега не даваат резултати. Дел од историчарите дури и ја споменуваа можноста посмртните останки на Александар да биле ненамерно украдени од Александрија од страна на неколкумина трговци од Венеција, кои верувале дека во Венеција ги пренесуваат останките на Свети Марко Евангелистот.
Тврдењата на Плутарх и на дел од арапските историчари, пак, одат во насока дека во 321 година пред новата ера, на пат кон Македонија, погребната кола со телото на Александар Велики во Сирија ја украл еден од неговите генерали Птоломеј I Сотер. Тој го пренасочил телото на водачот кон Египет, каде што било погребано во Мемфис. Подоцна, телото на Александар било префрлено од Мемфис во Александрија и повторно погребано.
Најновото откритие на полските археолози може да биде едно од најважните и најголемите во светската историја, доколку се потврди дека гробницата навистина му припаѓа на македонскиот крал.
http://faktor.mk/archives/103995?utm_source=rss&utm_medium=rss&utm_campaign=grobot-na-aleksandar-makedonski-otkrien-vo-egipet#
http://www.plusinfo.mk/vest/92811/Otkrien-grobot-na-Aleksandar-Makedonski-vo-Uzbekistan