Претпоставувам оние кои критикуваат никогаш немале лична несреќа да се сретнат очи в очи со канцерот. Кога тоа ќе се случи, човекот поинаку размислува. Секој знае дека наверојатно му се одброени часовите на битисување доколку се лекува со хемотерапија и радијација. Има и такви кои успеале да преживеат со овие терапии, но малку се и канцерот бил рано откриен, кога телото било доволно силно да се бори и со канцерот и со хемотерапијата. Но, што со оние другите? Со нив е полн Бутел.
И мојата мајка е таму, канцерот ја совлада. Во таа 1995 интернетот беше недостапна алатка за информации. Не можев да располагам со сознанијата кои денес ги имам, ниту пак, за опциите кои стојат на располагање. Да ми кажеше некој дека постои начин како да ја излечам мајка ми, немаше да ми биде важно дали кршам некој закон или не. Но, не знаев. А, законите ги пропишуваат луѓето и тие исто така се подложни на промени и безбројни дополнувања.
Во Франција се забранети енергетски пијалаци, во Сингапур гуми за џвакање, во Холандија можете да си приуштите проститутка од излог и џоинт во кафич, зошто во Македонија да не може да се декриминализира канабисот? Секој си гледа за своите.
Поп Христови се нашле во ситуација во која единственото решение, поучени од болката на загубата на своите родители, го побарале во канабисот. И, браво! Секој на нивно место би направил се. Нека се јави некој што смета дека не би барал лек на најневеројатни начини само да ги спаси најблиските!
Што се случи со нашиот народ кој беше широкоград и сочувствителен? Од каде толку злоба и потреба за сеир од туѓите несреќи. Не треба да го сакате Кили за да барате негово ослободување, само замислете дека во иста ситуација е вашето дете, родител или вие самите. Веднаш ќе го спуштите каменот.