Гранит“ должи 79 милиони евра!
Најголемата македонска градежна компанија „Гранит“ остварила добивка од 149,5 милиони денари (2,42 милиони евра) за првите шест месеци годинава, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот консолидиран биланс на успех, објавен денеска. Ова значи дека секоја акција на „Гранит“ носи добивка од 49 денари, што на последната цена од 380 денари е потенцијален принос од 12,9 отсто. Сепак, во споредба со лани, „Гранит“ работи послабо. Минатата година во истиот период добивката била за 13 отсто повисока од таа што ја прокнижи компанијата за првите шест месеци годинава.
Сепак, сите акционери, мора да имаат предвид дека „Гранит“ за првите шест месеци годинава својот долг го зголемил за 1 милијарда денари (16,2 милиони евра) во споредба со истиот период лани. На крајот на јуни најголемата градежна компанија должи вкупно за тековни обврски 4,88 милијарди денари (79,22 милиони евра). Од таа сума најголем дел се долгови кон неговите добавувачи и тие изнесуваат 4,64 милијарди денари (75,3 милиони евра).
„Гранит“ за услуги платил 1,3 милијарди денари
При анализата на билансот особено се издвојува растот на трошоците за услуги што ги плаќа, односни ги книжи, „Гранит“. За првите шест емсеци компанијата платила вкупно 1,3 милијарди денари (21,1 милиони евра). За истата ставка лани во истото време „Гранит“ платил 340 милиони денари (5,5 милиони евра) помалку. Ова се случува во услови кога вкупните продажби на „Гранит“ се намалуваат, а воедно значајно се намалуваат и трошоците за вработените за 14 отсто односно за 49 милиони денари и изнесуваат 313 милиони денари. Оваа консталација може да наведе на заклучок дека „Гранит“ земал повеќе работа одошто можел да сработи па морал да дава на подизведувачи заради што и платил многу повеќе пари за услуги. Но фактот дека во истиот период „Гранит“ драстично го намалил трошокот за вработени укажува дека менаџментот на компанијата одлучил да дава работа на подизведувачи на сметка на платите за работниците.
Купувачите на „Гранит“ му должат 4,5 милијарди денари
Вкупно 4,5 милијарди денари (73 милиони евра) „Гранит“ треба да наплати од своите купувачи, покажуваат билансите на компанијата. Во споредба со лани побарувањата од купувачи на „Гранит“ во првите шест месеци годинава пораснале за 440 милиони денари (7,14 милиони евра), што претставува безмалку раст од 10 отсто во споредба со истиот период лани. Ако износот на побарувањата се спореди со приходот од продажба на „Гранит“ излегува дека таа компанија слабо успева да ги наплати своите побарувања за извршени работи и услуги. Податоците покажуваат дека побарувањата се речиси идентични со годишниот приход на компанијата.