Македонци ловат краби на Алјаска, заваруваат на нафтени платформи и се борат во Легијата на странци
Тие кои сакаат голема заработувачка треба да заминат во странство, да бидат подготвени да си го ризикуваат животот, како и да работат повеќе отколку што мислат дека можат, во благо кажано, нечовечки услови
За еден ден во Македонија не можат да се заработат неколку стотини долари. Тие кои сакаат таква заработувачка треба да заминат во странство, да бидат подготвени да си го ризикуваат животот, како и да работат повеќе отколку што мислат дека можат, во благо кажано, нечовечки услови. Ловот на краби на Алјаска, заварувањето на нафтени платформи и учеството во француската Легија на странци се вбројуваат во трите најризични работи на светот. За нив има предупредувања дека ако се извлече жива глава, тогаш до крајот на животот може да се чувствуваат сериозни здравствени проблеми.
На малите рибарски бротчиња и на нафтените платформи во ледените мориња, како и во пустината Сахара и на боиштата, меѓу регрутите на Легијата на странци има и македонски граѓани. Најбројни се на нафтените полиња во Северното Море, а во последно време расте бројот на нашите државјани кои не се колебаат за добра заработувачка да рибарат во суровите услови на Беринговото Море под Алјаска, како и да ја издржат нечовечката обука во Легијата на странци, а потоа и да војуваат во нејзините редови. Заминуваат преку посреднички агенции кои се повеќе ги има, а најчесто преку приватни контакти со луѓе кои работеле или се уште работат таму. Посредниците велат дека вакви работи бараат и луѓе со факултетски дипломи, иако најголема побарувачка има за физички работници, главно со занаети.
-Нашите апликанти најголемо интересирање покажаа за сезонска работа на нафтени платформи кои се лоцирани од Холандија, преку Велика Британија, Норвешка, Алјаска, Американскиот континент, Венецуела и Бразил и нешто помалку во Јужна Африка. Претежно се јавуваат машки кандидати кои знаат разни занаети - заварувачи, механичари, бравари и градежни работници. Во пораките што ги добиваме од нив ни кажуваат дека причина за изборот на оваа професија е тоа што се на работ на егзистенција, Само да напоменеме дека во последните две години изгореа три нафтени платформи, при што имаше и големи човечки жртви - вели Иван Стевковски, сопственик на сајтот Работа-бизнис- профит, преку кој посредува за наоѓање разни работи во странство, вклучувајќи ги и трите најризични.
РАБОТА НА НАФТЕНИ ПЛАТФОРМИТој информира дека во последно време најбарани се подводни заварувачи кои се ангажираат при поставување на статичките платформи. Од апликантите се бара да бидат професионалци во исполнување на стандардни и посебни услови за работа. Од четирите категории кадри кои и се неопходни на секоја платформа, нашите кандидати најмногу конкурираат и добиваат работни места во четвртата категорија, а тоа е физички работници кои работат на отворена платформа каде се наоѓа бушотината за сурова нафта.
- Работата е пеколно тешка и тука издржуваат само најподготвените, психички, физички и ментално здрави лица кои се нафатиле да ги исполнат работните обврски за кои потпишале договор. Дневницата е 200 до 300 долари со одреден број работни денови и денови за одмор, бесплатно сместување, четири висококалорични оброка дневно. И покрај тешките услови за работа најголем дел, дури 90% од нашите апликанти се јавуваат за оваа понуда - вели Стевковски и објаснува дека не секоја ја добива работата, бидејќи кога ќе се пристигне таму, а најчесто се оди во Норвешка, треба да помине серија на лекарски прегледи, тестови и разни обуки. Тие, пак, што ќе ја добијат работата, ја работат десетици метри под вода на ниски температури, максимум до - 41 Целзиусов степен, кога активностите на платформата прекинуваат.
Стевковски вели дека во последниве пет години десетина Македонци заминале на работа и на рибарските бродови на Алјаска. Таа работа е подеднакво тешка, но иако велат дека ловот на краби е лов на милиони, може да се остане и со празни раце.
- На овие мали бродови долги до 30 метри се ловат неколку видови краби и тоа само во одредено време, некаде во јануари кога е ограничена ловната сезона. Еден лов на краби трае до две недели и платата се обезбедува од она што ќе се улови, односно заработката се дели на пет до осум вработени на бродот. Често се добива поединечна плата до 20.000 долари, но многу пати кога уловот е мал и платите се мали, или кога ќе се наплатат трошоците за бродот, не останува ништо за плата! Тоа е ризикот да се работи на рибарски брод. Тие бродови се приватни, најчесто се во сопственост на капетанот - објаснува Стевковски
На бротчињата во Беринговото Море се работи 24 часа под огромен ризик. Се управува со тешка машинерија, а рибарите ги заплиснуваат 15-метарски бранови поладни од мраз, ги удира ветер со брзина од 129 километри на час, времето е страотно ладно со снежни меќави, а во бродчето удираат санти мраз.
ЛЕГИЈА НА СТРАНЦИЛегијата на странци постои уште од 1875 година и отсекогаш во нејзините редови имало по некој нашинец. Оваа работа не може секоја да ја работи, а преку Работа - бизнис - профит аплицирале 12 лица, најголемиот дел со искуство во македонската армија како волци, тигри и слично. Регрутите во Легијата на странци обучуваат во пустини, во Алжир или во Сахара, под нечовечки услови високи температури.
- На пример, секој војник пешачи 30 километри под полна војничка опрема, носејќи на грб и ранец полн со камења тешки 40 килограми, без вода, без одмор и храна колку да преживее. Во тие моменти го колне денот кога се родил. Но, од друга страна знае зашто отишол таму и тоа е причина да издржи - вели Стевковски.
Тој информира дека платите не се многу големи и зависат од позицијата на хиерархискиот столб и се зголемуваат со напредувањето. По 15 години работа се добива француска пензија и француско државјанство, а оваа работа за некои е привлечна и затоа што овозможува без проблеми да се смени идентитетот и да се избрише лошото минато. Во Франција има 18 регрутни центри каде се примаат регрути од целиот свет, без разлика кои се, што се и од каде се. Едноставно, во легијата може да влезе без име и презиме и без минато. а тие што се гонети може да бидат избришани од прогонот.
Ако сакаат добро да заработат од тешка и опасна работа нашите граѓани имаат и друг избор - подземни рударски копови. Таму платите се загарантирани како основица, а ако ископаат руда и минерали над планот добиваат соодветни награди. За овој вид работа од Македонија се пријавиле само две лица.
Големи плати, уште поголеми ризици
Статистиката покажува дека процентот на повреди на рибарските бродови на Алјаска е 100%, додека на секои седум денови гине по еден рибар, односно на 10.000 луѓе загинале 300 рибари, а над 80% умреле од смрзнување. Во една ловна сезона во првите 24 часа загинале шест рибари.
Ако се преживее работата на нафтена платформа, тогаш постои опасност од нарушување на здравјето. Најчести здравствени проблеми предизвикани од шест месеци ваква работа се болки во грбот, проблеми со исхраната, главоболки, труење на телото се отровни материи кои испаруваат од суровата нафта, разнишан метаболизам, низок или висок притисок, нервни растројства и други.
Плати
Месечната заработувачка на вработените на нафтените платформи се движи од 9.000 до 15.000 американски долари во зависност од тоа што и каде работат. За три месеци работа на рибарски брод на Алјаска може да се заработат 50.000 долари. Во Легијата на странци првата година платата е околу 1.000 евра месечно, а по 5 месеци се плаќа дополнителна премија од 2.500 евра, односно во текот на 7 месеци по 400 евра месечно. Во втората година, платата е 1.600 евра месечно, а до крајот на службата во зависност од унапредување во службата и добивање на чинови, може да се стигне и до просечна плата од 4.500 евра. Има и посебни бенефиции и стимуланси за исклучително храбрите легионери кои во некои воени ситуации покажале голема професионалност.
Светлана ВУКЧЕВИЌ