ПРИСТИГНА ПРВИОТ МЛАДИНСКИ БРАН НА МЕТАЛУРГ
07.07.2013 17:00
Полека но сигурно се составува тимот на Металург за наредната натпреварувачка сезона, па по руските бекови, Павел Атман и Сергеј Жедик, македонските репрезентативци пикерот Никола Марковски и левиот бек Дејан Пецаковски, Металург своите редови ги освежи со седуммината млади ракометари од вториот тим, Металург Jуниор.
Идни првотимци на Металург во следните четири сезони и официјално ќе бидат Марко Неловски (17), Филип Талески (17), Мартин Манасков (19), Бојан и Борјан Маџовски (19), Никола Костески (21) и Жарко Пешевски (22). Дел од нив неколку пати минатата сезона настапија за првиот тим, во натпреварите од Регионалната лига, а за дел од нив ова ќе биде прв сениорски чекор.
-
Горди сме што работата на Ракометанта академија на Металург, на чело со Тони Ристески, вроди плод. Несебичната политика на клубот, за создавање и прибирање ракометни таленти од Македонија, годинава првпат ќе се реализира на дело, преку трансферот на овие седуммина млади, кои ќе бидат иднината на Металург, а и на македонската репрезентација. Горди сме на политиката што ја водиме и на плодовите што ги собираме. Се надеваме дека нашата пракса ќе ја следат и останатите македонски клубови како би се промовирал и афирмирал македонскиот ракомет – изјави директорот на Металург Левче Китевски.
Работата со младите и талентирани ракометари на Металург Jуниор подолг временски период е пракса на тренерот на Металург, Лино Червар, кој својата доверба на дел од нив им ја укажуваше на натпреварите од Регионалната лига. Нелоски своја блескава премиера доживеа на натпреварот во Загреб, кога тој, тогаш со 16 години, им одржа лекција по ракомет на своите многу постари хрватски колеги.
-
Полека, полека моите соништа почнаа да се остваруваат. Тоа што ќе бидам дел од првиот тим на Металург за мене е голема чест и задоволство, пред се` што ќе бидам рамо до рамо со врвни играчи како Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Ренато Вугринец… Посебно се радувам што ќе работам со еден врвен тренер каков што е Червар и ќе можам уште повеќе да учам и да се надоградувам. Особено ќе бидам горд ако имам можност да дадам свој придонес за тимот во Лигата на шампионите, со желба да го повториме или надминеме овогодинешниот успех – изјави левиот бек Нелоски.
Младите ракометари на јуниор не останаа незабележани ни од селекторот на македонската репрезентација Ивица Обрван, па Нелоски и Талески ги стави на поширокиот список, а сите останати вклучуваќи го и Талески беа дел од репрезентацијата на Македонија на Медитеранските игри во Мерсин, Турција.
-
Среќен сум што мојот сон, да станам дел од првиот тим на Металург, се оствари уште пред да наполнам 18 години. Ова за мене е голем комплимент. Ќе се потрудам да ја оправдам довербата што ми ја укажа врвниот тренер Червар. Се радувам што Металург има визија многу понапредна од другите клубови и што својите темели ги гради врз млади македонски играчи, кои треба да бидат иднината на македонскиот ракомет – изјави левиот бек Талески.
Металург верификува уште еден братски тандам во својот тим. Близнаците Борјан (лев бек) и Бојан Маџовски (лево крило) се двојната добивка на Металург.
-
Пресреќен сум што и официјално ќе станам дел од првиот тим на Металург. Првиот дел од минатата сезона бев дел од тимот на Металург и почувствував како е да се биде со играчи како Мојсовски, Миркуловски, Станиќ … Се надевам дека во следните сезони Металург ќе гради уште посилен и појак тим, кој ќе го повтори и надмине годинешниот успех во ЛШ, и ќе ја врати титулата во домашното првенство. Преминувањето во првиот тим за мене ќе биде уште поголем мотив да работам и учам од поискусните – изјави Борјан Маџовски.
На него се надоврза Бојан Маџовски.
-
Голема е честа за мене како играч што сум повикан да бидам дел од екипа како што е Металург, амбициозна екипа со големо реноме, која верува во младите играчи. Задовоство ми е што ќе играм и што ќе учам од играчи од голем калибар како што се Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски…, играчи од кои може многу да се научи. Во периодот што следи очекувам Металург да направи млада и квалитетна екипа која ќе биде иднината на македонскиот ракомет – вели Бојан Маџовски.
Уште едно брзоного десно крило ќе биде дел од тимот на Металург, стружанецот Никола Костески, кој заедно со Георгиевски ќе јуриша кон противничкиот гол.
-
Ова е повеќе од остварување сон. Со само пет месеци поминати во Металург Jуниор, денес станувам дел од првиот тим на Металург и ќе бидам заедно со ракометната елита на Македонија. Чест ми е што ја добив довербата и што ќе можам да учам од светски тренер како Червар. Се надевам дека сезонава Металург ќе блесне со уште поголем сјај и ќе продолжи да создава и открива млади талентирани ракометари – рече Костески.
Успешната приказна продолжува.
Автор:
Тања Димитриоска
———————————————————————————————————————————————————————————————————-
Марко Нелоски
Позиција: Лев бек
Датум на раѓање: 6.6.1996 во Струга
Висина: 199 см
Тежина: 92 кг
Матичен клуб: Струга
Кариера: Металург јуниор
Репрезентација: 20 настапи за кадетска и младинска репрезентација
———————————————————————————————————————————————————————————————————-
Филип Талески
Позиција: Лев бек
Датум на раѓање: 28.3.1996 во Прилеп
Висина: 198 см
Тежина: 83 кг
Матичен клуб: Металург
Кариера: Металург јуниор
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 25 за кадетска и младинска
———————————————————————————————————————————————————————————————————-
Борјан Маџовски
Позиција: Лев бек
Датум на раѓање: 8.5.1994 во Скопје
Висина: 194 см
Тежина: 90 кг
Матичен клуб: Металург
Кариера: Металург јуниор и Металург
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 30 за кадетска и младинска
———————————————————————————————————————————————————————————————————-
Бојан Маџовски
Позиција: Лево крило
Датум на раѓање: 8.5.1994 во Скопје
Висина: 184 см
Тежина: 80 кг
Матичен клуб: Металург
Кариера:Металирг јуниор
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 33 за кадетска и младинска
———————————————————————————————————————————————————————————————————
Никола Костески
Позиција: Десно крило
Датум на раѓање: 22.8.1992 во Струга
Висина: 183 см
Тежина: 74 кг
Матичен клуб: Струга
Кариера: Струга, Борец и Металург јуниор
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 25 кадетска и младинска
———————————————————————————————————————————————————————————————————
Мартин Манасков
Позиција: Централен бек
Датум на раѓање: 7.6.1994 во Велес
Висина: 190 см
Тежина: 83 кг
Матичен клуб: Борец
Кариера: Борец и Металург јуниор
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 33 за кадетска и младинска
———————————————————————————————————————————————————————————————————
Жарко Пешевски
Позиција: Пикер
Датум на раѓање: 11.4 1991 во Скопје
Висина: 195 см
Тежина: 110 кг
Матичен клуб: Металург
Кариера: Металург јуниор и Металург прв тим
Репрезентација: пет настапи за сениорска и 28 за кадетска и младинска
Според сите најави вака некако би изгледал тимот следната сезона:
Лево крило - Дејан Манасков / Бојан Маџовски
Лев бек - Пецакот / Неловски / Талески / Маџовски / Сергеј Жедик
Среден бек - Мојсо / Атман / Мартин Манасков
Десен бек - Ренато Вугринец / (ќе се купува играч )
Десно крило - Гоце Георгиевски / Никола Костески / Престап
Пикер - Никола Марковски / Жарко Пешевски / Димовски / (ќе се купува играч)
Голман - Диви / Никола Митревски / (ако не остане Станиќ ќе се купува нов - големи се шансите тоа да биде Матеј Ашанин)
Одбрана - Велко Марковски / Ацо Јоновски / Миркулот
http://www.rkmetalurg.mk/pristigna-prviot-mladinski-bran-na-metalurg/