Вака така заврши уште еден Грен Слем турнир, турнир на кој победија најголемите фаворити и во машка и во женска конкуренција. Кога излезе ждребот сите го поставуваа истото прашање, какво ли ќе биде 1/2 финалето меѓу Новак и Рафа? Јасно беше дека и двајцата ќе стигнат до тука, со нетрпение се очекуваше овој дуел. Во другата половина секако изненадување е поразот на Федерер, кој се очекуваше да стигне до финале бидејќи ги немаше Џокович и Надал на патот.
Надал започна доста споро, имаше проблеми во првите три меча, после тоа се одеше како што треба. Новак одличен во текот на целиот турнир, Федерер исто се до дуелот со Симон каде се појавија првите проблеми. Премногу турбуленции имаше за да можеше човек да добие јасна слика за тоа дали некој е изразит фаворит за влез во финале, зборам за Надал и Новак.
Е дојде и тој ден, долго очекуваното 1/2 финале меѓу Надал и Џокович. Многумина очекуваа конечно Џокович да победи и да влезе во финалето а со тоа и веројатно да ја освои првата титула на Ролан Гарос. Но, за да не биде тоа така се погрижи Рафаел Надал. Излезе со јасна тактика, поагресивен од претходно, идеше на винери и играше многу храбро. И Новак беше одличен, многу беше блиску до победата, но ете Надал за нијанса беше подобар и поодлучен во битните моменти и ја однесе победата. Мислам дека не е фер да се оспорува оваа победа на Надал и да се фрла кал врз неговото име, затоа што не направи ништо што не е според правилата или што е нефер. 300 глупости се изначитав последниве 2 дена, од тоа дека Надал намерно заокружил погрешен траг во третиот сет на брејк топка за него па се до тоа дека Надал намерно не сакал да се испрска теренот во петиот сет затоа што бил свесен дека Новак имал повреда на зглобот и му се исплатело пак да се повреди.

Жално, до каде може да оди човековата глупост. Новак е голем спортист, голем играч, и не се сомневам дека еден ден ќе го освои Ролан Гарос, затоа што го заслужува тоа.
Можеби од резултатски аспект ова е најслабиот Ролан Гарос за Надал, изгуби 4 сетови, многу повеќе гемови од порано, но ако ги погледнеме последните три меча на Надал слободно можам да заклучам дека ова е најзрелиот, најубедливиот според играта Ролан Гарос за Надал. Бекхендот му е на највисоко можно ниво до сега во кариерата, сервира перфектно, форхенд паралелата никогаш подобра. Изгледа беше во право Карлос Моја кога на почетокот на годината кажа дека Надал ќе се врати посилен од било кога. Некако позрел ми делува, во битните мечеви знае што треба да прави, не е ко порано, излези и трчај по секоја топка. Сега се менува од меч во меч, против Новак најагресивен до сега во животот, против Ферер мешавина од агресивност и добра дефанзива, против Федерер во Рим стандардната игра, враќај го секое топче и чекај да згреши Федерер... Сакам да посочам дека веќе не е толку еднодимензионален како порано.
Сега следува Вимблдон, повторно двонеделно тениско уживање. Е таму веќе кругот на фаворити се проширува, Федерер и Мареј стануваат први фаворити за освојување на истиот, нормално слични шанси имаат Џокович и Надал.
Се извинувам што забегав малце пишувајќи за Надал иако ова е тема за Ролан Гарос, но сепак мислам дека како победник го заслужи тоа.