Еден од подобрите новинари што сме ги имале. А нив никогаш не сме ги имале многу, за жал. Своевремено, „Фокус“ беше едно од ретките списанија во кои дневната политика беше главна тема, а кои вредеа да се читаат, и како такво беше подобро и побогато од сите конкурентни изданија, а за дневниот печат да не зборуваме. Заслугата за тоа, секако, беше на Никола Младенов. Елоквентен, интелигентен, директен и остар, најчесто без влакна на јазикот, беше раритет во морето новинарски давајгазовци и шупци од секаков калибар. Не без мани и недостатоци, не без подеми и падови во неговата кариера, Младенов си имаше своја тежина во новинарството, и од она што го знам (иако одамна не читам наши весници и списанија, ниту пак следам дневно-политички дешавки) беше еден од ретките кои не можеа лесно да се продадат и да се купат, што треба да се цени во една професија, која најчесто е само специфичен вид проституција.
Теориите за неговата смрт кои неизбежно ќе се вртат и ќе метастазираат во разно-разни кругови, во едно вакво општество во кое сме принудени да живееме се нормални и вообичаени, а дали се вистинити времето ќе покаже (а можеби и нема). Им се замерил на многумина, се сеќавам дека пред повеќе години беше и физички нападнат и доби добар ќотек.
Лесна му земја и нека почива во мир.